Афера „Паразити“: Владин функционер за четири години заработува 920 минимални плати

Еден владин функционер за четири години заработува дури 920 минимални плати. Фахрудин Хамиди, еден од директорите во М-Нав, за еден мандат на својата сметка само на име плата, ќе добие пари кои обичен граѓанин, кој добива минималец, треба да ги заработува цели 76 години. Месечната плата на Хамиди е вистинско богатство, изнесува дури 345 илјади денари, објавува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во најновата афера „Паразити“.

-За една година тоа се 4.140.000 денари, а за мандат од 4 години 16.560.000 денари. Ако оваа сума се подели со 18.000 денари колку што е просечната плата, се добива 920, тоа е бројот на месеци, што е еднакво на 76 години, кои што се потребни за да се заработи таа сума на пари со минимална плата, изјави Ивица Томовски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Хамиди не е единствен, вистинско богатсво заработува и уште еден негов колега, исто така со директоркса позиција во М-Нав. На сметката на Владо Крстевски, од државниот буџет секој месец легнуваат дури 266 илјади денари. Овие двајца заедно, за четири години државата ја чинат речиси половина милион евра.

-За четири години Крстевски од државата ќе земе 12.768.000 денари на име плата. Овие двајца функционери именувани од владата за еден свој мандат во М НАВ заедно ќе наплатат половина милион евра само за плата. Двајцата директори во М НАВ ја чинат државата еден голем булевар, или само со парите за нивни плати за 4 години може да се купат 8 амбулантни возила или 3 противпожарни возила, изјави Томовски.

Од опозицијата велат дека власта се луксузира во време кога инфлацијата е 20 проценти, цените на храната се зголемени за дури 30 проценти, а граѓани за лекување во странство собираат пари со донации. Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Ивица Томовски порачува дека единствен излез од состојбата во која се наоѓа државата се предвремени парламентарни избори час поскоро.

Матеја Петровски

Advertisements