Афера бугарски пасоши за Македонци – Каракачанов ќе се самоубиел ако докажат поврзаност со неговата ВМРО

Во Бугарија привремено е запрено издавањето на пасоши за странци, откако пукна големата афера со издавањето на лажни документи за потврда на бугарско потекло на илјадници лица од Македонија и други земји. Бугарската министерка за правда Цецка Цачева изјави дека на повеќе од 750 лица им е откажано издавањето уверение за бугарско потекло во последните година дена. Цачева рече дека толку големата бројка на откажувања потврдува дека има проблеми во Агенцијата за Бугарите во странство и најави измени на Законот за бугарско државјанство. Во меѓувреме вицепремиерот Красимир Каракачанов чија партија се поврзува со продавање на бугарски државјанства на Македонци, изјави дека ќе се самоубие среде Софија доколку се докажат, како што рече, клеветите и поткажувањата, дека бугарската ВМРО се финансирала од такви пари.

„Откако сум претседател на ВМРО, една стотинка од лев, не е стекната во наша полза од Македонија или од друго место. И ако некој го докаже спротивното веднаш ќе ја напуштам функцијата, ќе се откажам од политиката и ќе се застрелам со пиштолот што легално го поседувам, на плоштадот во Софија“ – изјавил Красимир Каракачанов за бугарскиот портал „Епицентар“.

Скандалот пукна со апсењето на 22 државни службеници во Софија, Ќустендил и Плевен, вработени во Агенцијата за Бугарите во странство. Претседателот на агенцијата Петар Харалампиев е обвинет како шеф на организирана криминална група, а заедно со него обвинети се уште четири лица. Тие наплаќале и по пет илјади евра на државјани на Македонија, Украина и на Молдавија за лажна потврда, со која потоа се добивале бугарски документи. Постои сомнеж дека на тој начин неделно се издавале од 30 до 40 пасоши на лица кои немале никакво бугарско потекло, а често станувало збор и за криминалци.  Претседателот Румен Радев соопшти дека неговите луѓе им помогнале на обвинителите да соберат докази за оваа афера, додека владејачката ГЕРБ на премиерот Борисов отфрла одговорност, бидејќи обвинетите се дел од групата која гравитира околу помалиот партнер во Владата, ВМРО на Каракачанов. На сето тоа поранешниот бугарски конзул во Битола, Наум Кајчев, изјави дека решението треба да се бара во поедноставување на процедурите за добивање на бугарско државјанство, бидејќи само на тој начин ќе се спречат ваквите криминални практики во иднина.

Драган Милосављевиќ