Атанасовска: Ако занаетчиите не влезат во категорија „домаќинства“ потрошувачи на струја – бизнисите ќе банкротираат

Сметките за струја директно ги засегаат и занаетчиите. Како сектор, ионака и досега беа во лоша состојба, а високите издатоци за електрична енергија, ќе ги примораат – да претанат со работа. Од Владата бараат субвенции, а струјата што ја трошат, да се пресметува како за домаќинствата.

Ако државата итно не излезе со помош на занаетчиството, еден куп бизниси ќе стават клуч на врата, соочени со високите сметки за струја. Бараат овие занаети да добијат субвенции од државата и да се сметаат како потрошувачи на струја како што се домаќинствата. Од Занаетчиската комора Скопје, за Алфа велат дека секторот е во сериозна криза. Бараат владина помош за сметките за струја од октомври 2022 до мај 2023.

  • Енергетската криза влијае негативно на целиот занаетчиски сектор, целиот сектор е во криза зашто ресурсите, струјата и репроматеријалите се поскапени, како и поради негативното влијание на дефицитот на стручен кадар. Занаетчиството е сектор каде функционираат бизниси како самостојни вршители на дејност но и бизниси кои имаат вработени и на кои им е неопходнo олеснување на трошоците за електрична енергија затоа што се потрошувачи на електрична енергија во процесите на вршење на занаетчиска дејност. Занаетчиите ја користат електричната енергија како ресурс за вршење дејност – вклучување на алатот за работа, затоплување и ладење на занаетчиските работилници, вели за Алфа Анета Атанасовска, извршен директор на Занаетчиската комора Скопје.

Од Комората велат дека занаетчиството како сектор е доведено во очајна состојба и под знак прашалник е доведено функционирањето на бизнисите, како самостојни вршители на дејност.

  • За жал, но морам да кажам дека занаетчиството како сектор кој годиниве котираше нормално, е доведено во очајна состојба и под знак прашалник е доведено функционирањето на еден куп од бизнисите, како самостојни вршители на дејноста. Занаетчиите кои имаат вработени се исто така во многу неповолна ситуација, затоа што од нив зависи егзистенцијата на семејствата на вработените а не се во ситуација да исплатат плати за вработените и ќе мораат да ги отпуштат од работа затоа што бизнисите стануваат неликвидни, и ако нема помош ќе се соочат со банкрот, додава Атанасовска за Алфа.  

На бизнисите кои имаат вработени помошта сега им е и повеќе од потребна за олеснување на трошоците за струја. Ако државата под итно не помогне, овие бизниси ќе станат минато.

Занаетчиите бараат да не се тарифираат во категорија „останата потрошувачка“ со која се израмнети и со најголемите индустриски гиганти туку во категоријата „домаќинсва“ каде цената е регулирана и е и 5 до 7 пати пониска.

Инаку, Занаетчиската комора Скопје е основана во 1932 година, и постои веќе 90 години со цел подршка и развој на занаетчиството, кое според надлежните, од ден во ден се повеќе тоне.

Борис Грујоски