Архиепископот Стефан до вселенскиот патријарх: Помагајте ни да растеме, зошто при вас се надлежностите и правата за доделување автокефалност

Црковна историја се пишува во Истанбул. Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан за првпат служеше патријаршиска и синодална света литургија на македонски јазик. Тој сослужуваше заедно со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во црквата Св. Ѓорги Победоносец во древниот Фанар, Истанбул.

Над 600 верници од Македонија отидоа во Истанбул специјално за заедничката литургија, откако во четвртокот патријархот Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија во канонско единство со другите православни цркви. По свечената литургија, Архиепископот г.г. Стефан му порача на патријархот Вартоломеј да не ги заборави верниците од Македонија, да и помогне на нашата црква да расте бидејќи кај него се надлежностите и правата за доделување автокефалност.

„Да, ние сме патриоти, како што се и сите наши соседни народи, ја љубиме и земјата каде што сме родени, но ги љубиме и нашите соседи и соседните архиереји, чекаме со љубов и трпение да сослужуваме со архиереите во Грција. Не го сокриваме од вас копнежот на нашиот народ – да ја видиме Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква, но Господ ни е сведок дека е голема нашата полна доверба за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи“ – порача Архиепископот охридски и македонски Стефан..

Вселенскиот патријарх Вартоломеј, пак, во својата беседа на грчки јазик по завршување на литургијата порача дека овој чин треба да се разбере како доказ за големината на дарот на Мајката црква кон македонскиот народ, но и за одговорноста која нашата црква ја има влегувајќи во сеправославниот свет.

Веруваме дека овој настан значи потполно разбирање од ваша страна за големината на дарот на Мајката црква кон вашиот народ, но и за одговорноста која ја понесувате, влегувајќи од денес во сеправославниот свет. Огноосветлени од благодатта на утешителот, го молиме, го умолуваме и просиме од животворниот свет дух, обновителниот и сесилниот, слаткиот и кој ги лекува раните, кој ги надополнува човечките недостатоци, кој ги испитува нашите срца – да ве утврди во вистината, да ве умножи во верата, да ве умудрува во борбата за црквата, та и ние, вашиот заеднички отец и застапник, првиот и последниот помеѓу епископите на источната света христова црква, да можеме духовно да се радуваме за вас и за вашите дела; та во нив да се прослави сечесното и великолепно име на Отецот и Синот и Светиот дух, постојано, сега и секогаш и во вечни векови“ – рече Вселенскиот патријарх Вартоломеј.

На литургијата присуствува и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

Предавањето на Патријаршискиот и синодален акт за отстранување на неколкудецениската шизма не значи давање томос за толку посакуваната автокефалност на нашата Црква. Претставува исклучиво објава дека таа повеќе не е во раскол со севкупната православна црква и дека можат да се организираат заеднички богослужби со другите помесни цркви.

Тања Попова

Advertisements

Поврзани вести