Археолошкиот музеј повлече дел од експонатите кои изминатиот период беа изложени за посетителите, зошто – одговор нема

Археолошкиот музеј на Македонија повлече од сталажите дел од експонатите кои изминатиот период беа изложени за посетителите. Според реакциите од јавноста, најверојатно станува збор за експонати од Античкиот период. Зошто баш сега биле тргнати експонатите, одговор барем за сега нема.  А немаше ни кој да ни одговори на лице место, објектот беше празен.

Се обидовме да стапиме во контакт со менаџментот на институцијата телефонски, ни кажаа дека директорката не била на работа, па да испратиме меил. Повратен одговор до овој момент нема.

Она што можеше да се види од лице место, е натписот на сталажите дека „Експонатите се привремено отстранети поради конзервација“. Кои се, каде се сега однесени и кога се тргнати – одговор нема.

Интересно е што во Археолошкиот музеј целосно е затворен горниот кат, каде беа изложени скулптури со ликот на Цар Самуил. Од институцијата не добивме одговор зошто.

На скалите пред последниот кат има црвена лета, која не дозволува пристап до горе. Додека бевме внатре не наидовме на ниту еден кустос кој би не упатил и ни објаснил што се има изложено. 

Инаку, Археолошкиот музеј се протега на површина од 6.000 квадратни метри. Во музејот е прикажано богатото културно наследство на Македонија со повеќе од 6.000 експонати дури и од 4-тиот век пред новата ера, селектирани од богатиот фундус на археолошко богатство на нашата држава. Во музејот е изложена и единствената копија од раскошниот саркофаг на кој се прикажани воените подвизи на Александар Македонски.

Борис Грујоски