Арсовски: Буџетот е мегаломански, расипнички и дополнително ќе ги осиромаши граѓаните

Буџетот кој криминогената власт го предлага за 2019 година е мегаломански, расипнички и дополнително ќе ги осиромаши граѓаните на Република Македонија. Заев и СДСМ пред изборите ветуваа квалитетен образовен систем и најмодерни објекти, а сега во новиот мегаломански буџет за 2019 година предвидуваат помалку средства во клучните сегменти во образованието отколку што предвидуваа лани за буџет за 2018 година. Лицемерието на Заев и СДСМ кон учениците и студентите е јасно како ден. Заев и СДСМ немаат намера да го исполнат ветеното од пред изборите, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски кој додаде:

„Заев и СДСМ за 2019 година предвидуваат помалку пари за ученички и студентски стандард, наука, за изградба и реконструкција на студентски домови во однос на она што го предвидуваа лани ова време. Лани за ученички стандард предвидуваа 6,7 милиони евра, а за наредната година сега предвидуваат 5,9 милиони евра или скоро 1 милион евра помалку. СДСМ кратат во предвидувањата и за студентскиот стандард, за кој ветуваа дека ќе биде по европските примери рамо до рамо со европските студенти. Лани планираа 14 милиони евра, а за наредната година кратат во предвидувањата и планираат 12 милиони евра или за 2 милиони евра помалку испланирано во однос на минатата година за покренување на студентскиот стандард.“

Арсовски потенцираше дека СДСМ крати во однос на ланските проекции на Буџет и за изградба и реконструкција на студентските домови кои прокиснуваат секојдневно кога ќе заврне заради негрижата на власта.

-Во Буџетот за 2018 година планираа 4,4 милиони евра, а во проекциите за Буџетот за идната година предвидуваат само 3,9 милиони евра или половина милион евра помалку. Ако се земе предвид фактот дека лани ниту реконструираа ниту отпочнаа со изградба на ниту еден студентски дом, можете да замислите дека и оваа година нема да помрднат со прст и студентите повторно ќе живеат во истите лоши услови. За студентите нема пари за основните потреби, но затоа СДСМ предвиделе 340.000 евра за купување нови возила за нивната администрација, подвлече Арсовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека Заев нема намера да инвестира во образованието, а лицемерието и лагите кои ги пласираше пред доаѓање на власт сега како што гледате излегоа на површина.

„Затоа ги повикуваме Заев и Тевдовски и целото криминогено раководство на СДСМ да се вразумат и да ги редуцираат трошоците, бидејќи овој Буџет ниту може да го издржи нашата економија, ниту пак СДСМ има план и знаење како да ја крене економијата со овој мегаломански најголем до сега Буџет. Повеќе од јасно е дека парите ќе завршат во нечии џебови кај фирмите на Заев, Анѓушев и блиските до СДСМ, а студентите, учениците и образовниот систем нема да добијат ништо. СДСМ не се способни да ја водат државата и се повеќе ја тонат. Затоа што побрзо си заминат од власт, толку подобро за граѓаните, а Република Македонија конечно ќе може да тргне напред!“ , дополни Арсовски.