Арсовска ги разреши Перински и Велковски – Обвинува за матни зделки за пречистителна станица – Република: „Градоначалничката фаворизирала турски конзорциум“

Превирања во Град Скопје по разрешувањето на директорот на сопското јавно претпријате Водовод и канализација, Златко Перински, како и секретарот на градот, Ѓоко Велковски. На прес-конференцијата на Перински ненајдено се појави градоначалничката Арсовска. Причина за раздорот е проектот за пречистителна станица на Водовод со европски средства во вредност од околу 136 милиони евра. Перински тврди дека комисиите што го водат процесот работат доверливо и ниту тој ниту таа не можеле да имаат увид во постапката. Арсовска пак обвини дека процесот не бил транспарентен и побарала смена на членовите на комисиите.

– „За сето ова да се направи ние како промотор на проектот имаме обврска да се обратиме до Европската инвестициона банка која што е банка лидер во спроведување на проектот. Од банката добив мислење дека не е добро во оваа фаза кога евалуацијата е во тек да се менуваат членови на комисиите затоа што тоа ќе значи одлагање на проектот и државата ќе плаќа камата за некористење на кредитот.“ – Изјави поранешниот директор на ЈП Водовод, Златко Перински.

Перински додаде и дека процесот се води под надзор на европски инситутции и дека нема некој толку моќен кај нас за да влијае. Предупредува дека не смее да се подигрува со паушални обвинувања, оти постои можност да се загрози целиот проект за кој државата има добиено странски грант од 7 милиони евра.

Арсовска пак рече дека не била информирана за ништо околу процесот за изградба на станицата. Ќе ги доставела сите документи до обвинителството, иако не откри за какво дело.

Дел од медиумите пак веќе објавуваат поинакви информации. Повикувајќи се на сопствени извори, порталот Република пишува дека проблемот го испровоцирала Арсовска, за која како што пишуваат имала сопствен фаворит во тендерот, наводно турски конзорциум, за кој таа вели дека не знае.

-„Во изминатите месеци немаме добиено никаква информација во која насока се движат сите процеси за избирање на најдобар понудувачна пречистителна станица.“ – Истакна Арсовска и додаде „Нетранспарентноста на целата постапка е она што ги покрена сите овие сомнежи. Ние како Град Скопје нема да дозволиме со средствата кои се обезбедени од европските банки и државата некој да си подигрува“ –

Дали оваа турбуленција значи дека Арсовска ја губи подддршката на ВМРО ДПМНЕ? Лидерот на партијата одговори оти некогаш патиштата може да се им разидат, но дека секој проект квалитетен за скопјани, мнозинството советници во Град Скопје – кои се на ВМРО ДПМНЕ- ќе го поддржат.

* „Имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се такви какви што вие сте ги имале и од едната и од другата страна, и тогаш едноставно патиштата може во животот да ви се разотидат на различни страни. Важно е патот на ВМРО-ДПМНЕ да биде оној кој е вистинкиот, а тој е Скопје да биде метропола каква што заслужува да биде и преку советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, така и ќе продолжиме да делуваме. – Изјави Мицкоски.

Секој проект поврзан за Град Скопје, кој е во вистинска насока, без разлика дали е од градоначалничката Данела Арсовска или од мнозинството во Советот ќе ја има нашата поддршка. Секој проект кој цениме дека не е во насока на добрите политики ние нема да го поддржиме.

Арсовска не верува дека поради разрешувањата ќе ја изгуби поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека советниците треба да работат во интерес на граѓаните, но доколку не дадат поддршка на одлуките кои треба да бидат изгласани со мнозинство, тогаш вината зошто не се реализираат ќе биде нивна, а не нејзина.

Никола Цветкоски