Аргировски за Алфа: Ако сака, Владата може да им помогне на пензионерите, а пензискиот систем може да го издржи ова зголемување

Нема ниту трага, ниту глас од новиот Закон за плати, за кој власта уште пред речиси половина година кажа дека се подготвува, и дека само во него гледа решение за праведно димензионирање на функционерските плати кои си ги покачија за 78%. Наспроти првичното ветување на премиерот, дека платите на државните функционери нема автоматски да се покачат, откако Уставниот суд укина два члена од Законот за плати, сите избрани, именувани и назначени функционери, добија европски плати.

  • Пензијата е право од работен однос. Не можете да израмните некој што плаќал 15 години стаж на минимална плата и некој што плаќал 30 години стаж на многу поголем износ и да кажете тоа е исто. Пензијата е резултат на годините стаж на секој поединец и упатите. Фондот за пензиско е фонд на осигурениците. Доколку има линеарно покачување тоа ќе значи дополнителен трошок од 220 милиони евра, кој нема да го издржи фондот. Тоа ќе значи дека и тие што 30 години уплаќале стаж, нема да можат да земат пензија“, додаде Ковачевски.

Ковачевски вели дека се уште се работело на текстот на законот со кој, функционерските  примања, би се свеле во разумни граници. И додека над илјада луѓе од државниот систем, веќе половина година си ги трошат енормно покачените плати, премиерот Ковачевски, им упати порака на пензионерите, дека нивното барање за линеарно покачување, би се одразило на буџетот на фондот, и ќе не можело да се исплати ниту една пензија.

  • „Во однос на пензиите морам да ве потсетам дека откако станав премиер, низ економско социјален дијалог, се дојде до ново решение за зголемување на пензиите. Ние за 1,5 година имаме 26% зголемување на пензиите. Ако минималната пензија била 9.000 денари, сега е 12.500 денари. Во септември ќе стане 13.000 денари. Ако просечната пензија беше 13.000 денари сега е 19.000 денари и ќе порасне. Се направи системско решение кое е врз основа на швајцарски модел кое овозможува двапати годишно зголемување на пензиите согласно растот на просечната плата и трошоците на живот“, кажа Ковачевски.

Наспроти премиерот, екс претседателот на Здружението на пензионери Драги Аргировски, вели за Алфа, дека нема потреба, кој било  да ги плаши највозрасните граѓани, дека со линеарното зголемување на пензиите се доведувала во прашање стабилноста на пензискиот систем, Според Аргировски, сите барања на пензионерите се издржани, зашто инфлацијата веќе им ги изела и онака ниските примања, пред се на граѓаните со ниски пензии.

  • Тоа што го слушаме од власта дека ќе банкротирал пензискиот систем е само плашење на гласот на пензионерите, кои си ги бараат правата. Не може тоа да е така. Како е можно да се најдат пари за министерката, како и за сите фукционери да земаат плати 78, а за пензионерите само 6-7%, тоа во споредба е нула, зашто скапотијата си го направила своето“, вели за Алфа, поранешниот претседател на Здружението на пензионерите, Драги Аргировски.

Дека Владата мора да изнајде итен и неодложен механизам за враќање на платите на функционерите во првобитната состојба, велат и од Институтот за економски анализи „Фајнанс тинк“. Ја повикаа Владата да отвори дијалог за прифатливо решение за разумен пораст на нивните плати.

Инаку, пензионерите бараат линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари и дополнително да се утврди минимална пензија од 18.000 денари, изразувајќи незадоволство од одлуката за 6% зголемување на пензиите. Овие барања уште еднаш ќе ги повторат в недела, на нов масовен протест во Скопје.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста