Арапските земји и САД водат преговори за нови договори од сферата на безбедноста

Во тек се преговори меѓу арапските земји и Вашингтон за нови договори од областа на безбедноста во регионот, со цел тој да биде заштитен од каква и да е „надворешна агресија“, изјави саудискиот министер за надворешни работи Адел ал Џубеир.

– Целта е да постигнеме договори за безбедност на Блискиот Исток за да го заштитиме регионот од каква било надворешна агресија и да се зајакнат односите меѓу САД и земјите од регионот, рече Ал Џубеир на прес-конференцијата по годишната средба на Советот за соработка во Заливот.

Како коментар за тврдењата за создавање американско-арапска воена алијанса против Ира, саудискиот министер рече дека „продолжуваат преговорите меѓу САД и земјите од Заливот околу тоа прашање“.

– Идеите сега добиваат форма, рече тој, појаснувајќи дека тоа е работа во прогрес, за која и двете страни сакаат да заврши со успех. Во таквата алијанса би биле вклучени и Египет и Јордан, а би се викала Блискоисточна стратешка алијанса.