Апсурд врз апсурд: ЦО на СДСМ го админува предлогот,но бара да не се отстапи од црвените линии

Централниот одбор на СДСМ донесе одлука да ја поддржи преговарачката рамка согласно последниот француски предлог. Во соопштението од партијата се нагласува оти очекуваат од Владата и другите институции да дадат зелено светло за него, ама истовремено се вели дека требало да се застане цврсто во одбрана на македонските црвени линии дефинирани во собраниската резолуција – за кои не требало да се преговара.  И сега следи апсурдот: како СДСМ истовремено го поддржува францускиот предлог напишан во Бугарија со сите бугарски црвени линии во него, а бара да не се отстапи никако од македонските?

„Во преговарачкиот процес, Владата, заедно со сите институции, и понатаму треба доследно да се придржуваат до Резолуцијата за македонските црвени линии усвоена од македонското Собрание. Нашата земја е пред многу важна одлука за нејзината иднина и остварување на уште една стратешка цел, отворање на преговорите со Европската унија со зачуван и обезбеден македонски јазик во ЕУ. Toa значи конечно затворање на сите идентитетски прашања“ – велат од СДСМ.

Партијата упорно тврди дека францускиот предлог гарантира чист македонски јазик во ЕУ и решавање на историските и билатералните прашања надвор од преговарачката рамка. Сепак, останува нејасно како СДСМ планира да не се дозволи да се преминат македонските црвени линии содржани во веќе изгласаната Резолуција од Собранието лани, кога францускиот предлог ги содржи сите бугарски барања?

Македонските црвени линии предвидуваат заштита на просторниот и временскиот континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти, македонскиот идентитет кој својот легитимитет го заснова на повеќевековни традиции, инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, процесот за евроинтеграција да продолжи во духот на меѓусебно почитување, да се применуваат општоприфатените меѓународни Конвенции и Декларации на ОН за правото на самоопределување и да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност.

При крајот на јуни Бугарското собрание усвои Декларација во која земјата ги наведе условите под кои го прифати францускиот предлог. Во неа беа додадени уште 4 барања: ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.

Тања Попова

Поврзани вести