АППТ: Годинава се очекува уште поголем број на албански туристи во Македонија

Во организација на Травелшоп, Воркшоп и Скајтур Албанија денеска во Охрид пристигнаа 60-тина тур-оператори од Европа, Америка и Азија, кои почнаа кружна балканска тура веднаш по завршувањето на Саемот за туризам во Тирана.

Како што информира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), тур-операторите утре ќе имаат можност да се запознаат со туристичкиот потенцијал на Скопје, а целта на турата е запознавање со регионот и можност за почнување продажба на аранжамни.

Според АППТ, и годинава ќе продолжи трендот на зголемување на бројот албански туристи во земјава, дури со забрзан интензитет од веќе регистрираниот лани. Бројот на туристи од Албанија во 2018 година бил зголемен за 29 отсто во споредба со 2017-та, а бројот на ноќевања пораснал за 31 процент.

На Саемот за туризам што се одржа на 5 и 6 април во Тирана, земјава трет пат го претстави својот туристички потенцијал. Штандот беше посетен од бројни официјални лица кои ја дадоа својата поддршка за соработката со Албанија во поглед на туристичката размена, а меѓу нив беа министерот за туризам и животна средина на Република Албанија, Бленди Клоси, министерот за претприемништво, Бледи Цуци, министерот за култура, Елва Маргарити и амбасадорот на Република Македонија во Албанија, Данчо Марковски.

АППТ на Саемот во Тирана претстави активности кои може да се искусат во земјава, а претставници од приватниот сектор беа хотелите „Бистра“ и „Парк“. Потенцијалните туристи од Албанија покажаа интерес за посета на Охрид, Струга, Скопје и ски центрите Маврово и Попова Шапка, додека албанските индивидуални патувачи сметаат дека малата дистанца во овој случај е предност.

-Она што и оваа година се потврди е дека албанските тур-оператори кои организираат кружни тури, не ја изоставаат Македонија од нивната агенда, наведува Агенцијата.

МИА