Апостолска: Во земјава ќе вратиме двајца образувани работници

Со два случаи на вратени печалбари се намалувало иселувањето од земјава, особено на младите. И покрај тоа што се поголем број граѓани се решаваат да живеат и работат во странство, министерката Зорица Апостолска тврди дека евроатлантските интеграции и бенефициите за компаниите помогнале голем дел од младите да останат овде. Промовирајќи студентски програми од странски факултет, рече дека нема податоци за тоа колку од Македонците кои го завршуваат високото образование надвор од државава, се враќаат назад, ги нострифицираат дипломите и работат во земјава.

– Од состаноците и средбите што ги имам со инвеститорите веќе имам позитивни информации дека почнуваат да ги враќаат назад. Последната информација е дека веќе се вратени двајца образовани и подготвени кадри во една наша странска компанија, рече Апостолска.

Професорите од Словенија велат дека државите на Балканот треба да работат повеќе на дуалното образование, да го подобрат образовниот систем, за да нема случаи високообразувани кадри да седат дома без работа.

– Во Словенија нема вишок на квалификувана работна сила и правиме напори колку што можеме повеќе да го подобриме образовниот систем. Би сакала да ги поканам сите компании во Македонија да соработуваат со нас и заедно да ги дефинираме проблемите бидејќи веруваме дека луѓето се најважни – изјави деканката на Економскиот факултет во Љубљана, Метка Текавчиќ.

Во просек секоја година надлежните процесуираат 800 до 1000 барања за нострификација на факултетски дипломи. Сепак, од нив само 50 до 100 се поднесени од македонски студенти кои го завршиле образованието во странство. Упатените велат дека ова не е бројка на високообразовани кадри кои се враќат да работат во земјава, туку голем дел од нив само административно ја завршуваат обврската, но потоа пак си ја бараат среќата надвор од границите на државава. Во една неодамнешна анкета, скоро 84% од младите се изјасниле дека сакаат да се иселат во странство.

Тања Попова