Анѓушев: проектираниот раст од 3.2% со сигурност ќе се реализира

Економскиот раст од 3.2% со сигурност ќе се реализира – уверува Вицепремиерот Анѓушев. Потенцира дека крупните инфраструктурни проекти биле откочени и дека забрзано ќе продолжат да се градат наредната година. Токму автопатот Кичево – Охрид кој ќе чини 187 милиони евра повеќе од првично планираното беше посочен како главна причина за енормното зголемување на јавниот долг што се очекува догодина од сегашните 48 да се зголеми на над 54% од БДП.

Уште од сега е тешко да се замисли дека владејачката СДСМ ќе го исполни предизборното ветување за просечен економски раст од 5% во текот на мандатот. Дури и ако се остварат проекциите за економски раст од 2.8% годинава и 3.2% во 2019-та, во втората половина од мандатот, БДП треба да се зголеми за најмалку 7% за ветувањето да биде исполнето. Премиерот во повеќе наврати се обиде да се извлече од критиките за лошо водење на економските политики со образложение дека ветените 5% ќе станат реалност дури во последните години од мандатот на оваа влада.

За Владата не претставува проблем и тоа што во буџетот се предвидени повеќе пари за привремени вработувања. Се работело за тест на работниците и не се знаело со сигурност дали ќе бидат задржани на работа.

Во буџетот за догодина, Владата предвиде продолжување на изградбата на гасоводот низ Водно и покрај негодувањето на еколошките друштва, а вкупната сума што ќе се потроши за гасификација на земјава е поголема за 80% споредено со годинава. По двегодишна стагнација, би требало да продолжи и изградбата на дел од железничката пруга кон Бугарија.

Тања Попова