Анѓушев: можеше да има поголема реализација на капиталните инвестиции

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој вечерва беше гостин во емисијата „Отворено на АЛФА“ посочи дека Владата потфрлила во реализацијата на капиталните инвестиции и тоа е еден вид слабост во економијата.

„Капиталните инвестиции во буџетот. Да, таму можеше да има повисока реализација и тоа јас би рекол дека е слабост. Не можам да ви издвојам еден проект поединечно како промашен, меѓутоа генерално тоа би го ставил како слабост во тој дел“ – рече Вицепремиерот Кочо Анѓушев.

За слабата реализација на првично проектираните 400 милиони евра посочи повеќе фактори, од недоволно подготвените проекти, па се до стравот во администрацијата. Сепак, оптимист е бидејќи клучниот сектор, градежништвото кој долг период беше во минус, во август забележал пораст.

Тој истакна дека во моментов се градат патишта како никогаш досега: патот Кичево – Охрид, Штип – Радовиш, Штип – Кочани, од излезот на Куманово кон Крива Паланка, Градско – Прилеп, проекти кои, според него, треба да дадат набрзо резултати, а истовремено продолжиле да се обезбедуваат финансии и за железницата кон Бугарија.

“Кога ќе го земете сето ова заедно, вклучувајќи ги и енергетските проекти, како далноводот кон Албанија кој чини 50 милиони евра и гасоводот кон Грција кој сега се проектира и тој ќе биде околу 50-60 милиони евра, вклучително и новиот патен правец Скопје – Блаце, заедно со обновливите извори на енергија за кои се отвори простор да се градат со новиот Закон за енергетика, околу 200 мегавати фотоволтаици кои ќе бидат 150 милиони евра, јас веќе ви кажав проекти во износ од над две милијарди евра. Тие и тоа како треба да дадат импакт врз градежништвото, на кој треба да се додадат приватните градби и сето ова треба да ни даде една градежна експанзија, но сега на реална основа. Инфраструктурни проекти кои се корисни за граѓаните наспроти градби кои не се корисни за граѓаните и прават трошоци. И тука треба да правиме разлика. Ако сакате да го достигнете нивото на градба со бројките од претходните години, тие проекти , такви какви што биле, треба да имате реализација од 55-56 милиони на месечно ниво, бидејќи на крај процентите се само сооднос на апсолутните бројки. Само овие проекти кои ги набројав ќе направат 55-56 милиони евра месечно плус сета останата градба, приватните инвестиции. Тука ја гледам, не надежта, туку реалниот, аргументиран оптимизам на враќањето на градежништвото на реални основи“ – рече Анѓушев.