Антикорупциска утврди 9 случаи за непотизам, прекршочна за Бектеши

Антикорупциската комисија утврди 9 случаи на непотизам, односно за вработување на роднини на функционери од 18 обработени предмети. Меѓу поинтересните за кои јавноста долго негодува, беше вработувањето на сестрата на министерот за економија во МЕПСО. Антикорупционерите најавија и прекршочна пријава за Крешник Бектеши бидејќи тој во повеќе наврати инсистираше дека нема никакво влијание, дека не живеел со сестра му, што се утврдило како невистина во моментот на вработувањето. Притоа не ја известил комисијата за вработување на член од семејството во јавниот сектор.

По бројот на сомнителни вработувања на роднини водат секретарот на СДСМ Александар Кирацовски кој си го вработил дедото во ЕЛЕМ Новаци, сестрата во Централен регистар и мајката на сопругата во ученичкли дом во Битола. Антикорупциска не утврди судир на интереси во вработувањата на сопругот и братот на пратеничката Мира Стојчевска, но и тоа како има сомнеж за непотизам во вработувањето на нејзинот син во ЕЛЕМ.

Антикопуциската комисија утврдила и дека во ЕЛЕМ било отворено посебно работно место само 2 недели пред објавување на огласот за сестрата на министерот за култура Асаф Адеми. Отворена е постапка и за вработувањето на мајка му на портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов. Наводите за непотизам не биле потврдени кај вработувањата на ќерката на Талат Џафери, синот на Горан Мисовски и сопругата на градоначалникот на Неготино. Антикорупциска утврдила дека наменски се креирале работни места или пак условите во огласите за вработување се менувале според образованието и искуството на кандидатите.

Тања Попова