Антикорупциска отвори уште 40тина случаи за сомнителни вработувања

Снаи, браќа, сестри, внуци на сегашни и поранешни функционери се најдоа на листата која ќе ја чешла антикорупциска. Комисијата денеска објави список од 40тина имиња на на „сомнителни“ вработувања каде има потенцијален судир на интереси.
Меѓу имињата за можен непотизам се најдоа Зоран Ременски, внукот на пратеничката Фросина Ременски кој е вработен во Елем, како вработена во АД ЕЛЕМ на списокот се најде и шурнајката на министерот за економија Крешник Бектеши,но Ајсел Фазлиу, сестрата на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, како вработена во Владата, како и неговиот внук Абдул Кадел кој бил унапреден во директор за безбедност на железничкиот систем. На листата се најде и Јовица Матевски вработен во МВР, а е внук на директорот на БЈБ Сашо Тасевски, како и сопругата на директорот на затвор Шутка, Катерина Котевска која е вработена во УЈП.На списокот од Антикорупциска се неколку имиња на поранешните функционери од минатата владина гарнитура.
Од комисијата велат дека се должни на јавноста да ги лоцираат причините за судирот на интереси.
-Вработувањето е најболна точка во државата и имињата што се конектираат со претходната и сегашната власт покажуваат дека е синдром од порано. Јасно е дека ни една власт не е имуна. Ние треба да заклучиме зошто се генерира ваква можност и каде се корените за условно кажано злоупотреба на власта. И должиме на јавноста да ги лоцираме причините и да инсистираме на нивно отклонување – рече членот на ДКСК Софка Петровска Дојчиновска.
Антикорупционерите ќе поведат прекршочна постапка за Азис Положани, кој бил избран за ректор на Универзитетот ,,Мајка Тереза”, а не доставил никаков анкетен лист за неговата имотна состојба. Положани беше избран за ректор во април 2018 година, и се уште немал доставено анкетен лист.
Отворени се и три случаи на корупција по пријави од граѓани, а во еден случај вмешан е и актуелен министер, но Комисијата не сакаше да го обелодени неговото име.
Претходно ДКСК отвори отвори 18 предмети за вработувања кои ќе се проверуваат дали имало судир на интереси. Меѓу првите се сопругот на пратеничката Мира Стојчевска, Илјо Стојчевски, во Шумската полиција во Делчево, за нејзиниот син Виктор Стојчевски, кој беше вработен во државната ЕЛЕМ, како и за нејзиниот брат Цветан Велевски, вработен во РЕК „Битола“. Дел од нив веќе се повлекоа од работните места.