Антикорупциска отвори случај за Матка – ќе се чешлаат и незаконски вработувања во АВМУ

Антикорупциска ќе ги чешла дивите платформи на Матка. Од Комисијата велат дека случајот го отвораат самоиницијативно откако преку медиумите слушнале дека надлежните институции си ја префлаат топката. Ќе ја чекаат целата документација од Општината Сарај за да утврдат дали градоначалникот го крши законот со најавата за можна легализација на бесправно изградените објекти.

Антикорупционерите ќе го истражуваат и случајот на две вработувања во Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги. Велат, се работи за двајца правници кои биле ангажирани по распишување на претседателските избори, што е спротивно на Изборниот законик.

Од АВМУ потврдија но се правдаат– законската обврска да го мониторираат медиумското претставување во текот на изборите, им наложувала да ангажираат соработници преку Агенцијата за времени вработувања.

„Потврдуваме дека врз основа на поднесено барање од Секторот за правни работи, ангажирани се двајца правници. Воедно информираме дека откако беа распишани изворите, ангажирани се и 7 соработници за мониторинг на програмите, додека по отпочнување на кампањата на 1 април дополнително ќе бидат ангажирани уште 15-тина соработници“, велат од АВМУ.

Инаку, Комисијата за спречување на корупција се уште ги чешла документите на јавните институции каде беа вработени блиски луѓе на функционерите, а што предизвика бурни реакции во јавноста. Од 18 случаи, два се веќе затворени – ќерката на пратеничката Емилија Александрова воопшто не била вработена во Фондот за иновации, а сопругата на беровскиот градоначалник не добила ново вработување, туку работниот однос и бил трансформиран во редовен откако две години работела по договор на дело во основното училиште во Берово. Антикорупционерите ќе бараат увид во Конкурсот на ЕЛЕМ преку кој беше вработена и ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери.

Биљана Божиновска