Антикорупциска отвори случаи за декани на македонските универзитети

Прекршочно ќе одговараат околу 30тина декани на македонските универзитети заради не поднесување на анкетни листови до Државната комисија за спречување на корупција.

Дел од деканите на економскиот, филозофскиот, земјоделскиот, и стоматолошкиот факултет, но и на други факултети од Универзитетот Св. Кирил и Методиј, како и декани од Универзитетот Гоце Делчев и институтот Мајка Тереза, и по истекот на рокот не ги поднеле до антикорупционерите анкетните листови иако за тоа се обврзани со закон.

Според законот за спречување на корупција постапка против  одговорно лице во јавно претпријатие во овој случај деканите ,може да се отвори доколку тие во рок од 30 дена не ги достават анкетните листови, до Антикорупциска.

-Лицето од ставот (1) на овој член кое во рок од 30 дена по престанокот на функцијата е избрано или именувано на иста или на друга функција е должно да ја извести Државната комисија за новиот избор или именување, а анкетниот лист од ставот (2) на овој член ќе се смета за анкетен лист доставен во рокот од ставот (1) на овој член, се вели во законот.

Антикорупциска денеска упати повик до сите раководители во институциите да испратат податоци за избрани и именувани лица, со цел да се ажурира регистарот на Комисијата. Потсетуваат дека за неисполнување на оваа обврска се одговара прекршочно. Анкетни листови се очекуваат и од нотари, извршители и административци.

Мери Ѓорѓиевска