Антикорупциска без документи за да истражува непотизам на власта

Бранот вработувања кои фрлаат сомнеж за непотизам секојдневно продолжува. Јавноста е сведок на нови вработувања на блиски роднини на функционерите и пратениците од власта. Се поставува прашањето дали повлекувањата на сопругот и братот на пратеничката Мира Стојчевска и мајката и синот на пратениците Костадин Костадинов и Горан Мисоски, се само обид да се затскријат останатите вработувања на роднини на видни ликови од владејачкото мнозинство.

Антикорупциска отвори голем број истраги каде се испитува дали функционери ја искористиле својата положба и така успеале да влијаат за нечие вдомување под државна капа, но до таму се уште не е пристигнат ниту еден документ околу постапките за вработување. Претседателката на комисијата Билјана Ивановска вели дека дел од барањата се пратени до институциите, а дел се праќаат, жалејќи се дека немаат човечки ресурси, дека само едно лице работело на истите.

Претседателката на Антикорупциска вели дека ќе се отвораат нови предмети за вработувања каде има сомнеж дека се прекршени некои законски норми.

Вработувањата на роднините блиски до функционерите пак за премиерот Зоран Заев претставуваат спречување на одлив на кадри во странство, но сепак ја поздрави одлуката на оние кои решија да се повлечат од работните места.Т

Пред неколку дена премиерот Заев слушајќи го претседателот на италијанската Национална управа за антикорупција, Рафаеле Кантоне, имаше можност да види како таму антикорупционерите се справуваат со јавните службеници кај кои ќе се докаже судир на интереси, таму правилата се строги и резултираат и со разрешување од работните позиции. Сепак премиерот не даде најави за такво нешто во Македонија, туку повторно остави да одлучува совеста кај оние кои јавноста секојдневно ги прозива.

Матеја Петровски