Анкета: Расте поддршката за конзервативците на Меркел по изборот на нова лидерка на ЦДУ

Конзервативците на германската канцелерка Ангела Меркел ја зголемија поддршката откако нејзината Христијанско демократска унија (ЦДУ) ја избра Анегрет Крамп-Каренбауер за нов партиски лидер, покажа најново социолошко истражување.

Конзервативниот блок на Меркел, во кој се наоѓа ЦДУ и нејзините баварски партнери од Христијанско социјална унија (ЦСУ), ја зголемил поддршката за три отсто, на 32 проценти, покажа анкета на институтот „Форза“. Конзервативците ја губеа популарноста по парламентарните избори во Германија во септември минатата година.

Анкетата, во која учествувале 1.506 луѓе, била направена по изборот на Крамп-Каренбауер, која често се нарекува „мини Меркел“. Претходното проучување на „Форза“ беше објавено на 7 декември, кога беше гласањето за нов лидер на ЦДУ.

Според анкетата, речиси половина од испитаниците, 46 проценти сметаат дека изборот на Крамп-Каренбауер е „добро решение“, а околу една четвртина, односно 24 проценти биле за конзервативецот Фридрих Мерц, кој загуби од неа во вториот круг. Третиот кандидат, министерот за здравство Јенс Шпан, испадна во првиот круг.

Анкетата покажа дека речиси две третини од Германците – 63 проценти, сакаат Меркел да остане канцеларка до крајот на сегашниот законодавен период во 2021 година, а околу една третина сметаат дека таа би требало порано да се повлече. Канцелерката изјави дека планира да остане на функцијата до крајот на својот мандат во 2021 година.

Проучувањето исто така покажа дека поддршката за Зелените е намалена за три проценти, а останатите партии остануваат на истото ниво – социјалдемократите на 14 проценти, слободните демократи и Левите на одум проценти, а ултрадесничарската Алтернатива за Германија на 13 проценти.

Лидерката на социјалдемократите Андреа Налес изрази стравување дека евентуална поделба во ЦДУ по смената на Меркел како председател на партијата може да има штетни последици врз коалициската Влада.

Налес за А-Ер-Де изјави дека поларизирачкиот карактер на трката за лидер на ЦДУ, во која Крамп-Каренбауер победи со мала разлика, може да биде „стрес тест“ за некои аспекти на работата на Владата.

Според Налес, посебен „потенцијал за конфликт“ има во одбранбената политика. Според неа, одлуката на ЦДУ на минатонеделниот партиски конгрес во Хамбург за зголемување на расходите за одбарана е во спротивност со ставот на социјалдемократите.