Анкета на ИРИ – Ковачевски задоволен од нискиот рејтинг, Мицкоски смета дека се потребни итни избори

Премиерот Димитар Ковачевски задоволен со својот и од рејтингот на неговата партија иако тие се само 5 односно 11%, а дури 58% од граѓаните сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока. Голем дел од одговорите во анкетата на ИРИ не го изненадувале премиерот бидејќи анкетата била во период кога се уште бил актуелен францускиот предлог, период кога кај граѓаните имало голема разочараност и паника.

Сега, гледајќи со розови очила и очигледно надевајќи се на кусото паметење на народот, премиерот мисли дека следната анкета ќе има поповолни резултати за него и за неговата партија.

Она што е добро е што 3/4 од граѓаните се за ЕУ. Има уште една работа, некои случувања не се вметнати во анкетата, потпишувањето на ФРОНТЕКС, и преведувањето на законодавството. Личен рејтинг нема да коментирам, само мојот. Нашите граѓани знаат и познаваат кога некој го вложува целиот труд, дури и кога не му е обврска. Ако гледаме во однос на политичките рејтинзи, тоа е респектибилно, растел рејтингот – изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Најновата анкета на ИРИ покажува дека во случај утре да се одржат предвремени парламентарни избори 19% од анкетираните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а 11% за СДСМ. Во споредба со ноември минатата година, вербата во СДСМ е за пет проценти опадната, во ВМРО-ДПМНЕ – за еден процент.

Овие резултати се очекувани и за опозицијата која постојано критикува дека владејачката коалиција ја носи државава во бездна. Една од причините за разочараноста кај граѓаните според нив е инсистирањето на уставни измени како услов за да продолжиме по европскиот пат. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дециден – немало да поддржат отворање на Уставот додека немаат силни гаранции за македонскиот јазик и идентитет.

Јас сум кажал, нашиот став е принципиелен, да сме ветувале пред граѓаните јас сега ќе немав аргументи и ќе кажев тоа е, ќе има уставни измени. Но ние не учествувавме во процесот, ниту имавме некакви гаранции. Ниту пак некој ни гарантира одредена предвидливост. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени – изјави Мицкоски.

Анкетата на ИРИ покажа незадоволство од правецот во кој се движи земјата,но и силна поддршка за членство во Европската Унија и зголемување на позитивните перцепции за Кина и Турција. Во однос на интеграцијата во ЕУ и внесувањето на Бугарите во Уставот, како важен чекор на тој пат, истражувањето покажува дека 38 проценти од испитаниците „силно не се согласуваат“ со тоа, додека 11% целосно се согласуваат.

За работата на министрите, дури 45 проценти одговориле дека не се задоволни од ниту еден министер во Владата. На листата на тројца најдобри министри се наоѓаат имињата на премиерот Димитар Ковачевски (13%), Оливер Спасовски (12%) и Фатмир Битиќи (5). Граѓаните сметаат дека вицепремиерот Артан Груби (15%) и шефот на дипломатијата Бујар Османи (13%) не ја вршат својата функција онака како што би требало.

Истражувањето е направено на репрезентативен примерок од 1.207 испитаници на возраст над 18 години од 23 септември до 13 октомври со маргина на грешка од 2,8 отсто и 95 отсто ниво на доверба. 

Адријана Алексиеска

Advertisements