Анкета: Над 60 проценти од Французите ги поддржуваат Жолтите елеци

Речиси две третини од Французите (64 отсто) продолжуваат да го поддржуваат Движењето Жолти елеци, што е за два проценти повеќе во споредба со минатиот месец.

Според анкетата на „ЈуГов“, 77 проценти од испитаниците изјавиле дека нивната мобилизација е оправдана. Додека 32 отсто се изјасниле дека не ги поддржуваат Жолтите елеци. Над половина од испитаниците (52 проценти) изјавиле дека Жолтите елеци не треба да ја запрат нивната мобилизација за време на големата национална дебата.

Речиси шест од десет Французи (58 отсто) навеле дека се недоволно информирани за големата дебата на Владата за излез од кризата, додека 38 проценти се со спротивно мислење. Исто така мнозинството 54 проценти од испитаниците оцениле дека предлозите кои произлегуваат од дебатата нема да добијат соодветен одговор, а 58 отсто одговориле дека предлозите нема да влијаат врз владината политика.

Од друга страна, големо мнозинство (71 процент) би сакале одлуките донесени по големата дебата да бидат ставени на референдум, а против тоа се изјасниле 19 отсто од испитаниците.

Анкетата е спроведена на 30 и 31 јануари, при што се испитани 1.037 полнолетни лица. Маргина на грешка е од 1,4 до 3,1 поени.