Анкета: над половина од граѓаните контра Преспанскиот Договор и промената на Уставот

Повеќе од 50 отсто од граѓаните се против промената на Уставот како резултат на Договорот од Преспа за промена на името, покажа последната телефонска анкета за актуелните политики на Владата и уставните измени на МКД.мк и на агенцијата Маркет вижн.

За поддршка на одлуката на Собранието за менување на Уставот со цел менување на името на Република Македонија, се согласиле 37,6 отсто, а против менување на Уставот и името се 51,5 отсто од испитаниците. Со „не знам“ одговориле 10,9 отсто.

Според етничката припадност, 62,2 отсто од Македонците се против промена на Уставот и името, а 28% се за. Кај Албанците тој процент е 76,5% за, а против 6,7 отсто.

Од бројот на испитаниците што ги поддржуваат уставните промени дури 37 отсто не знаат дали се за или против менување на дел од текстот во Преамбулата, „одлуките на АСНОМ“ со „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ“. Против таквото менување се 7,9 отсто, а 55,1 отсто од оние што ги поддржуваат уставните промени немаат проблем со менувањето на одлуките со Прогласот на АСНОМ.

За додавање во Преамбулата и на Охридскот рамковен договор 56,8 отсто од оние што ги поддржуваат уставните промени се за, а против се 14,7 %, а одговорот „не знам“ го избрале 28,5 %.

Во однос на гласањето за пристапување кон уставните промени на 19 октомври, 53,2 отсто од испитаниците се убедени дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле под влијание кога гласале за промена на Уставот. Дека гласале по сопствена волја сметаат 24,3 %, а не знаат или одбиле да дадат одговор 22,5 отсто од анкетираните граѓани.

Ова истражување на јавното мислење е спроведено од 21 до 27 ноември. Примерокот на испитаниците е репрезентативен на ниво на Република Македонија според регион, пол, возраст и националност и е изработен врз основа на официјалните податоци од Државниот завод за статистика – „Попис на населението, домаќинствата и становите 2002“.