АНКЕТА ИПСОС: На предвремени избори победник ВМРО-ДПМНЕ, нискиот стандард најголем проблем

Ако утре се одржат предвремени избори на кои се кандидираат само партии, а не коалиции, ќе победи опозициската ВМРО-ДПМНЕ – ова го покажува најновата анкета на агенцијата ИПСОС. За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 22%, додека за владејачката СДСМ 12,9% од гласачите. ДУИ би добила 6,2% од гласовите, Алијанса за Албанците 2.8%, БЕСА 2%, а Алтернатива 1,3%. Левица, пак, би ја  освоила довербата на 5,4% од оние што би излегле на гласање. Другите помали партии би поделиле 3,9% од гласовите. Голем е процентот и на оние кои не знаат кој да ја води државата следните 4 години, односно неодлучни се 17,1% од граѓаните. Одбиле да одговорат 15,8%, а нема да гласаат 10,6% од анкетираните.

На прашањето како го оценуваат досегашното работење на премиерот Димитар Ковачевски, со лошо одговориле 38% од анкетираните. Дека премиерот испорачал многу лоши резултати сметаат 24% од испитаниците, дека добро работел мислат 24%, а дека одлично си ја врши работата сметаат 11% од анкетираните.

Ударот по џебот најмногу го тишти населението. Лошиот стандард, ниските плати и високите цени се најзначајниот проблем за 20% од испитаниците, додека 19% ги посочиле економијата и финансиите. Невработеноста е најголем проблем за 10% од анкетираните, криминалот и корупцијата за 6%, квалитетот на образованието за 4%, а ислеувањето на младите за 3% од испитаниците. Меѓусоседските односи со Бугарија се проблем за 3%, а останатите ги посочиле лошото здравство, лошите услови во земјоделството и други теми.

Во врска со проблемот со Бугарија, 39% се изјасниле дека Македонија треба да бара реципроцитет од Бугарија за да ги вклучи Бугарите во Уставот ако Бугарија писмено гарантира дека ќе го тргне ветото за отпочнување на преговорите со ЕУ. 32% сметаат дека Македонија треба да го стори ова без да бара услови од Бугарија. Само 10% мислат дека земјава треба без посебен услов да ги вклучи Бугарите во Уставот и покрај тоа што Бугарија не гарантира дека ќе го тргне ветото за отпочнување на преговорите со ЕУ. Со „не знам“ на ова прашање одговориле 19% од испитаниците.

На прашањето која страна ја поддржувате во војната со Украина, најмногу или 38% од анкетираните одговориле со ниту една, Украина ја поддржуваат 29%, а Русија 13% од анкетираните.

Агенцијата ИПСОС ја изработила теренската анкета за потребите на ВМРО-ДПМНЕ на 1.000 испитаници во периодот од 6-ти до 26-ти април годинава.

Тања Попова

Поврзани вести