Анкета ИПИС: Најголем број македонски граѓани сметаат дека Бугарија е најголем непријател на Македонија

Високи 44% од граѓаните сметаат дека најголемиот непријател на Македонија е Бугарија, 57% го отфрлаат францускиот предлог, 28% сметаат дека Македонија никогаш нема да влезе во Европската унија. Резултатите од анкетата на Институтот за политички истражувања по повод 30 години надворешна политика и одбрана покажуваат дека земјава три децении не успеа да изгради дипломатска служба а домашните слабости се причината за неуспехот на Македонија да стане членка на ЕУ.На прашањето кој е најголемиот непријател на Македонија? 44% од испитаниците сметаат дека е Бугарија, додека 12.1% дека е Русија. Исто така, анализата покажува дека односите со Бугарија се на многу ниско ниво. Вкупно земено, според анализата на гласот на народот, македонско-бугарските односи се на долно рамниште,  што негативно може да се рефлектира врз елементарна комуникација помеѓу институциите и општествата на двете држави. Оттука потекнува и незадоволството и неподдржувањето на Францускиот предлог.

57.1% од испитаниците го отфрлаат т.н. „француски предлог“ кој беше предуслов за тргнување на ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, наспроти 27.2% кои истиот го прифаќаат, што претставува разлика од приближно 30% во корист на противниците на овој документ.

Високи 64,2 % од испитаниците го поддржуваат членството на  Македонија во НАТО наспроти 28,4 % кои се противат. Но резултатите се лоши кога е во прашање можното членство на земјава во Европската Унија. Се чини дека евроскептицизмот со годините расте.

На прашањето кога сметате дека Македонија ќе се зачлени во ЕУ, 28% од испитаниците изјавиле дека тоа нема да се случи никогаш, што претставува најбројната група, додека 23.7% својот песимизам го манифестирале преку одговорот дека не знаат кога ќе се случи тоа, односно дека немаат одговор.

62.8 проценти од испитаниците се за членство на Македонија во ЕУ. Овој процент иако е се уште многу висок, се вели во анализата, видливи се јасни негативни трендови споредено со првите две децении од независноста. За застојот на македонските евроинтеграции, во најголем процент се виновни политичарите и тоа 14,9 %. 10% одговориле дека виновникот е Бугарија, а 7,8% вината ја гледаат во Владата. (слика виновници)

Од сите овие резултати,  извесно е дека испитаниците слабо ја оцениле македонската дипломатија. На скала од 1 до 5, оценката е 2,52. Оценката за армијата пак е 3,37.

45.6% од испитаниците сметаат дека изминатите три децении Македонија не успеа да изгради професионална дипломатска служба (наспроти 21.8% кои имаат спротивното мислење). Од друга страна, пак, 57.8% од испитаниците позитивно ја оценуваат улогата и достигнувањата на Армијата (наспроти 24.7% кои имаат спротивно мислење).

Освен што паѓа довербата во институциите, во дипломатијата, во македонските евроинтеграции и сите политички чинители кои се одговорни за оваа ситуација, како се менувале претседателите на Македонија ,така паѓала и оценката за нив. Па така, на скалата од 1 до 5 испитаниците највисоко го оценуваат вториот претседател, Борис Трајковски кој има средна оценка 4.28. Првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров има средна оценка од 4.1, третиот претседател Бранко Црвенковски е оценет со 3.02, средната оценка на четвртиот претседател на државата, Ѓорге Иванов е 3.11. Најниска оценка има актуелниот претседател Стево Пендаровски, и тоа 2.81.

Анкетата е спроведена на 1111 испитаници, со задржување на генералниот сооднос во поглед на базичните демографски карактеристики a маргиналната грешка се движи помеѓу +/- 2,9 % со 95 % интервал на веродостојност.

Адријана Алексиеска