Анкета: ВМРО-ДПМНЕ во водство, паѓа рејтингот на Ковачевски
Двојно водство на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ . На прашањето „за која партија ќе гласате на наредните избори“, 22% од испитаниците рекле дека ќе гласаат за ВМРО- ДПМНЕ, 11,5% од испитаниците за СДСМ, за ДУИ 9,2 отсто, за Левица 5 %, Алијанса за Албанците 3,5 отсто…, покажуваат резултатите на анкетата на МКД.мк спроведена од агенцијата Маркет вижн од 5 до 16 јуни.
Во однос на довербата кон политичарите, Христијан Мицкоски од оние кои се изјасниле има доверба од 12 % , во Димитар Ковачевски 6,1%, Али Ахмети 5,9%, во Димитар Апасиев 3,7%, во Никола Груевски 2,9% од испитаниците. Приближно две третини или 60,9% од испитаниците немаат доверба во ниту еден лидер на политичка партија на македонската политичка сцена.
За разлика од анкетата во февруари, Мицкоски има благ раст (од 11% на 12%) во популарноста меѓу гласачите, а Ковачевски пад – од 8,2 на 6,1 отсто. Раст во овој период бележи и популарноста на Ахмети – од 5,1 на 5,9 отсто.
Повеќе од половина или 56,8% од испитаниците би излегле да гласаат доколку утре се одржат избори.
Дали според вас формирањето на коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би било добро за Македонија и дали мислите дека коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би можела да функционира успешно?
Половина од испитаниците или 51,9% сметаат дека формирање на коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би било добро за Македонија, додека само 30,7% веруваат дека истата би можела да функционира успешно.
За гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, најмалку прифатлива опција е коалицијата на нивната партија со ДУИ, при што дури 70,7% се изјасниле против оваа можност.
Според етничката припадност за ВМРО-ДПМНЕ освен Македонците би гласале и Србите и Турците и Ромите и Власите…, но не и Албанците.
За СДСМ освен Македонците, би гласале и Албанци и Роми и Срби и Турци.
Анкетирањето беше спроведено од 5 до 16 јуни 2023 година со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници со ниво на статистичка грешка од 3% и интервал на доверба од 95%. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.