Андоновски со порака до Османи и надлежните: На украинските бегалци тука им треба помош, не да се оди во Киев на сликање

300 украински бегалци се регистрирани во Македонија, а околу 1000 други имаат статус на туристи и не можат да си ги остварат основните права тука: да ги запишат децата во градинка или училиште, да најдат работа, соопшти денеска заменик народниот правобранител. Вели, владата пред неколку месеци најави решенија, но, се уште ништо не е преземено. Ги повика институциите на посериозен пристап.

– „Со статусот кои што го имаат моментално кај нас, лицата немаат можност да пристапат до пазарот на трудот, и следствен на тоа, не можат да остваруваат сопствени извори на приходи, а тоа е сериозен проблем… Сметам дека државата, пошто веќе поминаа три месеци откако имаме бегалци од Украина во Македонија, треба сериозно да се пристапи по ова прашање, и не само да се оди во посета на Киев и фотографиње, туку треба да се пристапи кон изнаоѓање на конретни решенија за овие проблеми“ – Изјави Јован Андоновски, заменик народен правобранител.

Тој додаде и дека во крајбрежните хотели во Бугарија се сместени околу 100.000 Украински бегалци, кои со почетокот на туристичката сезона, повторно ќе бидат раселени и се очекува голем дел да се упатат кон Македонија.

Андоновски заедно со украинската амбасада во Македонија и здружението на Украинци, спроведоа хуманитарна акција за луѓето во Украина.

– „Велите дека сте мала земја, но ние секојпат одговараме дека имате големи срца и токму оваа ситуација покажува дека вистинските пријатели се гледаат во тешки времиња и јас се надевам дека оваа акција како дел од целосната поддршка на Украинците сместени во Македонија ќе биде продолжена”. – Изјави Роман Буга, заменик амбасадор на Украина во Македонија.

Според претседателот на здружението на Украинци во Македонија, Олександар Убранович, за овие 4 месеци, колку што трае војната, од Македонија се испратени над 14 камиони хуманитарна помош за укранскиот народ.

Никола Цветкоски