});

Андов: Сè што напишав во книгата се факти

Срамно е 23 години по обидот за убиство врз Киро Глигоров да нема ни осомничен, коментира првиот претседател на македонското собрание, Стојан Андов, кој вели дека со години самостојно истражувал, и собирал белешки за на крајот да ги објави „своите факти“.

-Грда работа е што никој ништо не успеал да открие. Бегаат. Не се открива ништо. По 23 години, државата остава, за случајот да нема осомничен, нема ни истрага водено по истиот. Тука лежи моето сомневање, затоа ја напишав книгата. Ладнокрвно се преживеа сè, ниту мува не ги лази за тоа што и како се случи, вели Андов.

Последен пат, Андов, заедно со Фрчкоски бил повикан на распит во 2001 година.

-Освен мене, ги повикаа и Глигоров, Црвенковски и Фрчкоски . Јас знам што кажав, но не знам за другите. А дел од исказите на Киро Глигоров беа објавени и јавно, во весник, кој постоеше многу кратко време. Таму беше посочено сè за авантуроте на Фрчкоски со врвниот грчки шпион, генералот Николаос Грилакис, изјави Андов.

Во однос на реакцијата на Љубомир Фрчковски дека во својата најнова книга објавува невистини, Андов со краток коментар „нека си мислат што сакаат, ова е слободна земја, нека се живи и здрави“.

Новата книга на Андов „До атентатот и по него“ ја разбранува јавноста. Во неа тој пишува за несогласувања со Бранко Црвенковски, но особено со тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски.

Две децении потоа, неуспешниот атентат врз поранешниот претседател, останува мистерија, па и до ден денес не се знае кој и зошто сакаше да го убие Глигоров во 1995 година.

Сања Трајковска Ставров