});

Ангеловска-Бежоска: Цената на финансирање на бизнис-секторот продолжува да се намалува и оваа година, а движењата на девизниот пазар се поволни

Коментирајќи ги макроекономските параметри коишто ги следи централнaта банка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во „Отворено“ на „Алфа“ потенцираше дека движењата на девизниот пазар се добри, дури и над очекувањата на НБРМ. Според неа, тоа упатува на релативно поволна надворешна позиција во платниот биланс, но исто така и на поволни домашни очекувања. „Движењата се поповолни дури и од нашите очекувања со последната макроекономска проекција“ – истакна Ангеловска-Бежоска, којашто исто така соопшти дека движењата во монетарниот сектор се стабилни и поволни.

Меѓу другото, во студиото на „Алфа“, таа потенцираше дека цената на финансирање на бизнис-секторот во државава, продолжува да се намалува и оваа година. „Ако направиме споредба со предкризниот период, постои тренд на постојано намалување и на основната каматна стапка на НБРМ, и на цената на финансирање и на корпоративниот сектор, и на секторот население“ – кажа Ангеловска-Бежоска.