НАЈНОВИ ВЕСТИ

Аналитичари: Избори за излез од политичката криза и спас на Македонија

Единствениот излез од ќорсокакот во кој што се најде Македонија по вчерашната собраниска седница се предвремени избори, смета професорот Владимир Божиновски. Тој додава дека досега веќе три пати имало нужна потреба од избори, а сега, откако власта не го најде потребниот број народни избраници за да ги спорведат бугарските барања, па дури и двајца од редовите на Социјал демократскиот сојуз не гласаа за дневниот ред за уставните измени, изборите остануваат единствениот излез.

Првиот момент кога требаше да има избори, според Божиновски, беше по убедливиот пораз на ДУИ и СДСМ на локалните избори, кога владата беше сериозно разнишана.

  • „Потребата од предвремени избори беше уште после локалните избори, кога се виде дека владата, односно власта го изгуби легитимитетот и второ, самиот тогашен премиер Заев се тргна, трето, само за еден пратеник, кој што премина од една во друга партија не успеаа да изгласаат недоверба на владата. Во таква ситуација, гернерално се распишуваат избори. И тогаш требаше да има избори“ – Вели аналитичарот Проф. Д-р. Владимир Божиновски.

Вториот клучен момент кога мораше да се распишат предвремени избори беше пред прифаќање на францускиот предлог, односно преговарачката рамка.

  • „Втор момент кога требаше да има избори е пред да го потпише Ковачевски тој така-наречен, Француски предлог, со кој што се стави Македонија во незавидна ситуација и се разбира, третиот момент кога се потребни предвремени избори е постоењето на оваа Влада кое што се сведе на убедување од една година за да се прифати тој Француски предлог, иако претходно не ја консултираше ниту стручната јавност, ниту академската јавност, ниту генерално јавноста, најмалку опозицијата, сите беа против.“ – Додава Божиновски.

Тој вели дека сега, по вчерашниот дебакл на седницата за уставни измени, најдобар начин за да се изведат изборите, би било претседателските да се случат заедно со парламентарните. Но, гледа тенденција кај власта тие да се организираат одвоено, за да го продложат мандатот уште за месец или два повеќе, што ќе го чини буџетот дополнителни десетина милиони евра, а во прашање се става и излезноста на претседателските.

Професорот Ненад Марковиќ смета дека со вчерашното прекинување на собраниската седница само се купува време за политички притисок за уставните измени. За тајмингот на изборите вели дека станува збор за политичика метерологија која што е тешко да се прогнозира, но, смета дека ќе е поверојатно да се се дојде до решение за измените на уставот по парламентарни избори.

  • „Изборите кои би биле и во редовниот термин, секако тоа решение ќе го доенесат, какво и тоа да е, што зависи од распоредот на силите кој силно ја фаворизира опозицијата и нејзиниот рејтинг, но, тоа не значи дека формирањето на Влада ќе оди лесно и договарањата понатаму. Се знае дека условот, предусловот за да формираат влада е да се прифатат уставните измени, тука има прилично голем консензус кај албанците во Македонија“ – Појаснува политикологот и член на Советот за безбедност, Проф. Д-р. Ненад Марковиќ.

За можноста од радикализација на Албанците, за што вчера зборуваше независниот пратеник Скендер Реџепи, кој порача оти, „албанските општини“, како што ги нарекува тој, можело да тргнат на патот кон ЕУ без „македонските општини“, професорот Марковиќ вели дека такви изјави не треба да не загрижуваат.

  • „Мислам дека не треба да придаваме многу значење на овој тип на изјави, тоа е повторно, еден тип на латентна етничка закана, условно кажано, која е само во функција да се направи притисок и ништо повеќе, не мислам дека тука ќе има било каков обид за реализација на една таква закана, меѓутоа, пак е во функција да се направи дополнителен притисок и на меѓуетничките односи.“ – Смета Марковиќ.

ВМРО–ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи, не се единствените кои излезот од политичката криза во Македонија го гледаат во предвремени избори. На истата позиција се и албанските опозициски партии, кои на заедничка прес конференција пред македонското собрание, се приклучија на повиците за предвремени избори. Тие порачаа доколку нема мнозинство за уставни измени, да се гласа за распуштање на парламентот.

Никола Цветкоски