});

Анализа: Владината кампања се темели на „зачувани“ јазик и нација, наводна смена на ФИРОМ со Северна

Менуваме од ПЈРМ во Северна, јазикот и нацијата си остануваат недопрени, не чека бесплатно здравство во ЕУ, инвестиции, просперитет. Сето ова, ако помине референдумот. Во спротивно, дезинтеграција, распад на државата, нема да има пензии, нема здравствено осигурување…Владата во жесток налет, до последниот ден од кампањата го користи сите средства за да ги убеди граѓаните во неопходноста од прифаќање на Преспанскиот договор со кој се менуваат името и уставот на Македонија. Дека се што се менува е навредливата референца, а не вистинското име на државата се инсистира упорно, во реклами, при телевизиски гостувања, на средби со граѓаните или во нарачани тестови и покрај бројните укажувања од експерти, опозициски претставници, па дури и од некогашни членови на владејачката партија – дека оваа пропаганда не соодветствува со реалноста.

– Не ја заменуваме ФИРОМ за Северна Македонија. Едно е точно, дека референцата која требаше да трае кусо време ја задржавме многу години. Но сега, таа привремена референца ја заменуваме со една трајна референца. Бидејќи ова не е име, барем не име кое што произлегло од народот, ова е повторно вештачка творба. Повторно е референца, само сега ќе биде трајна а притоа го губиме стекнатото право да се нарекуваме Македонија – вели во емисија на Алфа ТВ, Солза Грчева.

Заев и неговите министри како клучен аргумент за прифаќање на Договорот го наведуваат зачувувањето на македонскиот јазик и македонската нација. Контра аргументи нудат првите луѓе на грчката влада Ципрас и Коѕијас, кои впрочем и го направија Договорот со Заев и Димитров, тие велат дека е јасно оти буквално се ќе биде подложно на промена. А аргументи во тој правец нуди и домашната експертска јавност.

– Дали ние бевме Фирмојани, дали сте слушнале некаде да не нарекуваат Фиромјани? Не, ние секаде бевме Македонци. Сега со откажувањето од црвените линии, секаде стануваме Северномакедонци – вели универзитетската професорка Тања Каракамишева.

Инаку, пред финишот на кампањата се појавија и бројни написи и колумни во кои поддржувачи на промената на името и уставот предупредуваат дека евентуалниот неуспех на референдумот ќе предизвика разни негативни сценарија, од целосна изолација, преку банкрот на државните финансии, па се до дефинитивно распаѓање на земјата.

Драган Милосављевиќ