Амнестијата ќе им ја намали казната за 30 % на сите што се осудени над 6 месеци, освен оние за тероризам и убиство
Сите осудени лица над шест месеци ќе им се намали затворската казна за една третина или 30%, а осудените што ги гонеше Специјалното јавно обвинителство и одделот за организиран криминал ќе им се намалат казните за 10%, стои во Предлог законот на амнестија на Министерството за правда.
Нема помилување за осудените во предметот 27 април, ниту за за оние кои се осудени за изборни нерегуларности. Најголем бенефит ќе имаат оние кои се осудени на казни до 6 месеци кои ќе бидат веднаш ослободени.
Осудените лица со казни затвор кои ги гонеше поранешното специјално обвинителство и оние од организиран криминал ќе им се намалат казните за 10 %.
Миле Јанакиевски, Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков, Никола Груевски, и сите останати кои ги гонеше СЈО и се осудени, казната затвор ќе им се намали за 10 проценти, за секоја постпка освен за Миле Јанакиевски, Гордана Јанкуловска и други лица осудени за изборни нерегуларности.
Во оваа група спаѓаат и оние лица кои се осудени од одделението за организиран криминал при Кривичниот суд во Скопје.
Без разлика дали осудените лица лежат за една, две или повеќе пресуди, тие ќе бидат амнестирани за сите доколку не се осудени на доживотен затвор или за дела против државата.
Нема да бидат амнестирани лицата кои се осудени за семејно насилство, шпионажа, убиство, односно сите оние кои одлежуваат доживотна затворска казна.
Министерот за правда Кренар Лога за Алфа вели дека утре чека одговор од политичките партии кои уште минатата недела предлог законот им беше доставен до нив и до пратеничките групи.
Колку амнестијата ќе ја намали пренатрупаноста во затворите е дискутабилно прашање со оглед на тоа што предлог законот не ги намалува доживотните казни и казните од тешки кривични дела.
Министерството за правда информираше дека целта на законот е да нема пренатрупаност во затворите и драстично да се ослободат затворските капацитети, со што ќе се создадат оптимални услови за другите затвореници.