Амнестијата е од нужда, но се навлегува во судската власт и страдаат уставното и кривичното право

Амнестијата е од нужда, но се навлегува во судската власт и страдаат уставното и кривичното право

Собранието станува суд кој суди по кратка постапка и прави упад во казнената политика. Правната фела со остри критики за планот на власта да го протурка законот за амнестија со кој сака да ги испразни пренатрупаните затвори.  Професорот Светозар Шкариќ критикува дека законското решение го урива правото, а Собранието се меша во судската власт што само по себе е уставно проблематично:

„Практички, Собранието преку овој закон игра улога на суд. И тоа суд кој суди по кратка постапка. И веројатно без поголема поддршка. Сега имаме парадокс – судски постапки кои траат долго време, бидејќи тоа го бара правдата, некои траат и по 10 години, се води сметка обвинетиот да дојде до израз, да го каже своето мислење. Судијата размислува врз основа на докази каква пресуда да донесе. И одеднаш таа правосилна пресуда законот ја укинува па дури има намера и да ја избрише. Целиот тој судски труд паѓа во вода, вели Светозар Шкариќ, професор по Уставно право.

На иста линија со професорот Шкариќ е и академикот Владо Камбовски .Според него со донесувањето на Законот Собранието упаѓа во сферата на казнената политика со одредени корекции. Но клучното прашање според него е дали и во која мера Собранието ќе ја користи својата уставна надлежност за давање на амнестија.

– Со донесување на законот за амнестија, Собранието упаѓа во сферата на казнената политика со одредени корекции на она што било донесено како правосилни судски пресуди за изречена казна затвор. Значи, тоа е едното прашање, дали Собранието и во која мера ќе ја користи својата уставна надлежност за давање на амнестија и со оглед на тоа дека амнестијата е исклучок од правилото. Инаку, кога Собранието секојдневно би носело закони за амнестија тогаш сигурно дека тоа би значело значително ограничување на судската власт, вели Владо Камбовски, претседател на МАНУ

Според поранешната судијка во Судот во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, амнестијата е нешто кое што како институт постоел отсекогаш, и ќе постои.  Меѓутоа првиот тест што треба да се применува и да се оценува вели е законитоста. Таа сугерира дека се потребни дебати и мислења од правни експерти, а не од политичари за да се достават до Собранието.

Кога зборуваме за законитост не е само закон како таков да постои. Мора да постои квалитетен закон за да може тој прв тест да се помине.

Кога зборуваме за квалитетот на законот, тука ќе треба да се расчленува и да се гледа што овој закон за амнестија носи. Добро е што се отвора оваа прашање, овие заклучоци треба да се достават до Собранието и добро да дискутираат правни експерти, а не политичари, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во Стразбур.

Оваа амнестија би била седма по ред во независна Макеоднија. Правната фела и јавноста реагираат поради тоа што Министерството за правда образложи дека со амнестијата ќе ја реши пренатрупаноста во затворите, но не се внимава на законитоста и правото.  

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста