Американските законодавци сè уште се борат да постигнат договор за мерките за контрола на оружјето

Две недели откако 19 деца и двајца учители беа убиени во масовно пукање во Увалде, Тексас… Американските пратеници ги слушаа родителите на жртвите…

„Ја запишав ќерка ми во тоа училиште и таа одлука ќе ме прогонува до крајот на мојот живот“, изјави Кимерли Рубио, мајка на жртва од пукањето.

… како и од преживеаните во училиштето…

Ја застрела мојата другарка која беше до мене. Мислев дека ќе се врати во училницата. Зедов од нејзината крв и ја измачкав врз мене“, рече Миа Керило, преживеана ученичка.

Демократите во Претставничкиот дом одржаа помен за жртвите на оруженото насилство претходно оваа недела, пред да го усвојат пакетот мерки за контрола на оружјето.

„Во 2019 година, САД имаа 17 пати повеќе смртни случаи од огнено оружје. Ние сме единствени во масовните престрелки. Другите земји носат разумни закони за безбедност на оружјето и ги штитат своите деца. Ниту една друга земја не е блиску до бројот на престрелки во училиштата како нас, вели демократката Каролин Малони.

Но, поддржувачите на уставното право да се поседува оружје тврдат дека ваквите закони за контрола на оружјето – како што се ограничувањата на специфични врсти на оружје – нема ништо да сменат.

Оружјата со голем капацитет на магацин за куршуми најчесто ги поседуваат граѓани кои го почитуваат законот. Неколкуте ригорозни студии за нивната забрана открија дека доказите за нивниот успех во намалувањето на стапката на оружено насилство во најдобар случај се неубедливи. Контекстот во кој се случуваат масовни пукања во јавноста ги прави ограничувањата на ваквите оружја ефективно бескорисни за спасување животи“, вели Ејми Свирер од Херитиџ фондацијата.

Контролата на оружјето е една од главните дебати во американскиот живот. Анкетите покажуваат дека мнозинството Американци ги поддржуваат повеќето од овие мерки. Но, републиканските пратеници тврдат дека зајакнувањето на безбедноста на училиштата ќе спаси повеќе животи.

„Постои важно место за сопствениците на оружје кои го почитуваат законот во служба да се заштитат себе, своите семејства и нивните заедници од насилство. Нашиот втор амандман е важна алатка за обезбедување на нашите индивидуални права на самоодбрана“, вели републиканецот Џејмс Комер.

Со тесна контрола на американскиот Сенат, демократите ќе мора да постигнат договор со републиканците – кои силно ја поддржуваат Националната асоцијација за оружје и другите групи за права на оружје – за да ги донесат тие измени во законот.

„Тоа е огромен консензус во оваа пратеничка група, меѓу широките групи за оружје, групи за безбедност на оружјето и меѓу американскиот народ: Направете нешто. Направете нешто вистинско, дури и ако тоа не е сè што многумина од нас би посакале“, вели лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер.

Тој можен договор во Сенатот би можел да вклучи зголемување од 18 на 21 година за минималната возраст за поседување на автоматска пушка – онаа истата што ја користеше 18-годишниот напаѓач во Увалде, Тексас.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон