Американската администрација сведочеше како новото буџетско барање на Бајден ќе ја обликува конкуренцијата на САД

Законодавците и највисоките владини претставници разговараа дали најновиот буџет на администрацијата на Бајден ќе им овозможи на САД да се натпреваруваат со Кина или ќе заостанат.
„Денес Кина ја има најголемата морнарица во светот, најголемата армија во светот и најголемата светска економија според паритетот на куповната моќ“, рече републиканката Сузан Колинс.
Пекинг соопшти дека сака да ја искористи оваа растечка моќ за да го контролира островот Тајван, ако е потребно и со сила. 50 отсто од светската трговија патува низ Тајванскиот теснец, а Тајван произведува повеќе од 70 отсто од светските полупроводници, основата за компјутерите.
„Како резултат на еднострана акција преземена од Кина во однос на Тајван, ќе имаме глобална економска криза, од која земја по земја ќе бидат погодени“, рече државниот секретар Антони Блинкен.
Официјални лица велат дека САД остануваат посветени на Тајван, а наскоро се очекува огромен пакет воена помош за демократскиот остров.
И, секретарот за одбрана Лојд Остин предупреди дека ако Конгресот не го усвои буџетот на САД навреме, ќе трпат американските интереси.
„Тоа ќе ја одложи нашата способност да ја добиеме критичната муниција што ни е потребна за нас, а исто така да ги поддржиме и нашите сојузници и партнери“, рече секретарот за одбрана Лојд Остин.
Но, републиканскиот сенатор Линдзи Грем ја критикуваше администрацијата за обидот да ги прикаже американските недостатоци во однос на Кина во Конгресот.
„Оваа идеја дека имаме силна кинеска политика е куп глупости. Не е буџетот она што ќе ја одврати Кина. Наша волја е да се соочиме со луѓето како Кина“, рече републиканецот Линдзи Грем.
Републиканците тврдат дека буџетот на Бајден не ги финансира новите бродови, за кои американската морнарица тврди дека и се потребни да ја одврати Кина.
Тие го критикуваат одбивањето на Бајден да ја прогласи Русија за државен спонзор на тероризмот, за што сенаторите од двете страни велат дека ќе испрати силна порака до Пекинг, кој наводно размислува да испрати воена помош за Москва.
Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон