Амбициозни планови, но ограничена реализација на капиталните инвестиции

Многу фалби, малку резултати. Владата се пофали со 465 милиони евра реализирани капитални инвестиции лани и покрај тоа што предвидуваше над 600 милиони евра. Тоа е едвај 75% остварување од првичниот буџет за минатата година. Нема конкретен одогвор ниту каде завршија парите од нереализираните проекти. Премиерот Ковачевски само рече дека биле префрлени кон повеќе буџетски корисници. Изговор повторно најде за неискористените пари.

Нејасно е како Владата планира 465-те милиони евра годинава да ги дуплира и да изгради патишта, болници, градинки во вредност од 800 милиони евра, што е најмногу досега. И покрај долгогодишната практика со ребалансите да се кратат пари од ваквите проекти, премиерот уверува дека овојпат со фокусирана и посветена работа планираното навистина и ќе се остварело.

Годинава конечно треба да се заврши автопатот Кичево – Охрид и да финишира изградбата на првата фаза од патот Скопје – Блаце. Двата километри се градат дури 5 години. Втората фаза од 10 километри е се уште во проектна фаза и допрва некоја наредна година треба да почне да се гради. Аналитичарите со години наназад критикуваат дека администрацијата нема капацитет и лошо планира проекти кои бавно се реализираат.

Тања Попова

Advertisements