Амбасадори: Останува статус кво состојбата на релација Македонија – Бугарија

Политичката криза во Бугарија нема да се реши ниту по новите парламентарни избори. Прогнозите велат дека Бугарите повторно ќе гласаат веќе во октомври кога кај источниот сосед се закажани локални избори. Поранешни дипломати за Алфа коментираат и да се формира влада во Бугарија таа нема долго да опстои. Разликата во гласовите, дополнително велат покажува една огромна поделеност во државата.

  • Најкуса оценка за изборите вчера во Бугарија е дека следните ќе бидат заедно со локалните избори. Според тоа, влада нема да има или ќе се формира влада, ваква или таква која нема да функционира, меѓутоа тоа за нас воошто не е важно, бидејќи топката е во нашиот двор“ вели Ристо Никовски – поранешен амбасадор.
  • Овие почетни резултати, а верувам нема да има голема разлика и до конечните резултати, укажуваат на една голема поделеност во бугарското општество. Очигледни се влијанијата или тежнинијата кон една или друга опција, мислам исток или запад. Тоа според мене е сосема очигледно. Дали ќе успее да формира влада јас мислам, теоретски е можно, тешко, но е можно, меѓутоа таа влада дефинитивно ќе биде со многу краток век“ вели Мартин Треневски, поранешен амбасадор во НАТО.

Драстични промени на релацијата Скопје – Софија нема да има, децидни се поранешните амбасадори. Велат единствениот излез од ваквата ситуација а  во корист на Македонија, е евентуално раскинување на договорот за Добрососедство и двата протоколи и започнување на преговори со акцент на реципроцитетот.

  • Ако сакаме излез, мора Македонија да ги преземе нешто, а во тоа оди во насока на откажување на Договорот за „непријателство“ и потоа на двата катастрофални протоколи кои ги потпишавме на еден апсолтуно неодговорен начин и да се почне нова постапка….“ потенцира Никовски – поранешен амбасадор.

Од друга страна, се забележува дека притисокот од Брисел влијае врз односот на официјална Софија кон Македонија, но зад тоа се крие друго сценарио вели поранешниот амбасадор Треневски.

  • Очигледен е притисокот од Брисел, малку да релаксираат во нивните условување и ставови кон Македонија и тоа во однос на тоа што нам ни го спремаат а тоа е едно кукавичко јајце ни подметнуваат во смисол, вметнување на Бугарите во Уставот на Македонија.  Мислам дека таква нешто не смее да се случи, бидејќи последиците можеме само да ги претпоставиме. Друго е сега што се предлага, хрватскиот модел“ вели Треневски – поранешен амбасадор во НАТО.

И по вчерашните избори во Бугарија, резултатите покажуваат тесна разлика помеѓу двете најголеми коалиции, ГЕРБ на Бојко Борисов и Продолжуваме со промените на Кирил Петков и ДПС. Политичката криза кај источниот сосед трае околу две години, откако Бугарите во пет изборни циклуси не даваат поголема предност ниту на едната ниту на другата политичка страна.

Викторија Миткова

Advertisements