Амандманите го проширија и надградија Преспанскиот Договор

Од уставни измени предвидени во преспанскиот договор до исполнување на барања на албанската опозиција, протнати низ отворањето на Уставот, додека ДУИ мудро молчи. Зошто и како се најде Охридскиот рамковен договор во Преамбулата на Уставот? Како се стигна до условување од Беса за интервенција директно во она што не е предвидено во преспанскиот договор?
Иако експерти предупредуваа дека токму тоа ќе се случи односно, отворањето на Уставот е одлична прилика за албанскиот блок да ги протне своите барања, премиерот беше категоричен дека нема:

-Нема потреба уште повеќе да се шири Пандорината кутија со дополнителни барања од албанската опозиција за уставни измени. Охридскиот рамковен договор е затворено прашање уште во 2001 година, изјави Зоран Заев, претседател на Влада на Р. Македонија, на 30.10. 2018

И така почна. Со една нацрт верзија на амандманите, во октомври согласно преспанскиот договор, ама доби друга линија уште низ собраниските комисии што следеа. Тогаш стана јасно дека барањата за унапредување на правата на албанската заедница ќе бидат нова црвена линија- овој пат од домашни играчи.

-Грците ли бараа да се исфрли АСНОМ и да се воведе Охридски Рамковен договор во Преамбулата на Уставот? Чиј интерес е преговорите за името на државата да се претворат во покритие за ревизија на државата?, коментира академик Катица Ќулафкова.

И премиерот дозволи:

-Охридскиот рамковен договор е целосно вграден. Пратениците на Алијанса на Албанците и БЕСА го имаат своето право и имам целосно разбирање. Нивните барања се суштествени измени. Сфативме дека е легитимно право и не значи дека треба веднаш да биде затворено прашањето. Јас можам да дадам позитивен однос на ова“, рече Заев во однос на барањата на БЕСА и Алијанса на Албанците за внесување на амандманите за зајакнување на идентитетот, рече Заев на 2 – ри ноември.

Така уставните амандмани го изгубија ликот од преспанскиот договор, ами станаа мост за вметнување на делови од т.н.Тиранска платформа.

Предикациите се дека овде нема да се застане со прифаќањето на барањата на албанскиот фактор. Во иднина се очекува да се чисти и химната од иредентизам според Грците, а во интерес на албанската државотворност за која боксува албанската политичка заедница.

Искра Коровешовска