Алфа ТВ бара да го емитува „Црвениот поет“, Агенцијата за филм на потег

Телевизија Алфа од Агенцијата за филм бара отстапување на правата за емитување на „Црвениот поет“, серија која повеќе од шест години од неразјаснети причини се чува во фиока.

– „Сакаме да потенцираме дека продуцентот, 6 месеци по одобрувањето на монтираната верзија на серијата, е должен епизодите да ги емитува на јавниот радиодифузен сервис или на некоја од телевизиите кои имаат национална концесија. Доколку тоа не се случи според договорот за пренос на права, Агенцијата за филм ги презема правата сразмерно на висината на вложените средства.“ – Пишува во известувањето до Агенција за филм од Алфа ТВ.

Дека Агенцијата за филм според договорот има право да ја преземе сопственоста од продуцентот, потврди и поранешната директорка на Агенцијата, Мими Ѓоргоска, која лично го има потпишано државното финансирање на серијата. Проект платен 23 милиони денари народни пари.

Сега барањето е и официјално, иако Алфа и претходно се понуди да ја емитува серијата, откако продуцентот тврдеше дека наводно немало интерес од ниту една национална телевизија.

– „Серијата која има особена национална вредност е финансирана токму од Агенцијата за филм која пак секоја година директно е финансирана од пелевизиските програмски сервиси на национална ниво, вклучувајќи ја и Алфа ТВ.“ – Стои во известувањето до Агенција за филм од Алфа ТВ.

Серијата во 2018-та била понудена на МРТ, но, извори од јавниот сервис за Алфа откриваат дека понудата на продуцентот била сомнителна – продукциската куќа „Сектор филм“ се однесувала како да сака да биде одбиена. Побарале огромна сума пари за емитување, аплицирале на крајот на годината кога буџетот веќе бил при крај, а откако првично серијата не била прифатена, никогаш повторно не побарале соработка.

Во меѓувреме продуцентот ги има наплатено сите пари од Агенцијата за филм, а продолжува да добива и други проекти.

Досегашниот впечаток што го има јавноста и пред се филмската фела е дека серијата се држи во фиока поради договорот со Бугарија зашто содржината има потенцијал контраверезно да биде сфатена од властите од Софија, по примерот на филмот „Трето полувреме“.

Во серијата за Кочо Рацин особено внимание се посветува на неговата револуцинерна активност, со сцени како тој во униформа на тогашна кралска југословенска војска се бори против Бугарите, неговото заробување од бугарски војници, како и сцени во затворот додека бил измачуван и испратен во логорот Корница во Бугарија.

Никола Цветкоски

Advertisements