НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алфа сторија за хуманитарната мизерија во некогашниот дом за деца „Ранка Миланович“

Спиеме заедно со стаорците. Без вода и без струја, а во зима и без греење. Сакаме децата да ги пуштиме на училиште чисти и испрани, ама немаме како. – Се жалат социјално загрозените лица кои државата привремено ги сместува во објектот на поранешниот дом за деца, Ранка Миланович, кои потоа остануваат да живеат таму со години, помеѓу купишта ѓубре и задушувачка смрдеа чекајќи да добијат социјален стан од државата.

Тие велат дека институциите постојано им носат нови луѓе да живеат со нив, па за една година станале двојно повеќе, вкупно 60тина фамилии, сите со најмалку по 4 деца, а таму, засолниште наоѓаат и зависници од дрога.

  • „Ние се соочуваме тука со змии, со глувци, со нечистотија, тоа самите го гледате, може да снимите. Еднаш на ден ни даваат јадење и тоа е. Собираме од канти, друго ништо немаме“ – Вели еден од жителите.

И додека дел од многубројните деца, боси и во парталви алишта си играа во отпадот, објективот на Алфа забележа и болни деца кои беспомошно чекаат на она што ќе им го донесе судбината, бидејќи без документи и без приходи, не можат да се лекуваат во болница.

Многумина велат дека не можат да остварат никакви права бидејќи не можат да извадат документи. Не можат да се лекуваат, ниту да ги пратат децата на училиште. А, оние кои имаат документи, велат дека партиите секои избори доаѓаат да им ветуваат социјални станови за глас повеќе.

  • Не праќаат тука, ќе добиете, ќе добиете… Бараките што ги рушеа во Бутел, ни рекоа дека се за нас, а тие сега се за Јанко, за Петко, преку познанства. А за гласање доаѓаат. – Велат тие.

Од Министерството за труд и социјала, признаваат дека се свесни за хуманитарната мизерија во која живат луѓето таму, но, оти програмите со кои се обидуваат да им помогнат не вродиле со плод бидејќи не наишле на соработка.

  • „Во текот на сместувањето корисниците ги имаат целосно руинирано објектите при што истите не се безбедни по живот и нема основни и безбедни услови за живеење.“
  • „Од страна на Министерството за труд и социјална политика и Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје направени беа обиди за дислокација на семејствата, со изнаоѓање на индивидуални решенија за секое од семејствата, меѓутоа истото не беше успешно, имајќи предвид дека дислокацијата не беше прифатена од страна на корисниците и во моментов во објектот се диво населени семејства“ – Ни одговорија од Министерството за труд и социјална политика.

Оттаму додаваат оти прв приоритет за сместување имале бремени жени и мајки со новороденчиња, што веројатно е причината зошто во објектите на „Ранка Миланович“ во најголем број живеат деца под 10 години.

Домот Ранка Миланович беше посветен на децата кои што имале судир со законот со до 2019та, односно реформата на министерката Мила Царовска кога ги смести во други групни домови.

Додека институциите со години го бараат решението и ја проценуваат состојбата, стотици луѓе остануваат да живеат во субстандардни услови.

Никола Цветкоски