Алфа репортажа од Штука до Иловица: без струмичко поле Македонија ќе стане едно парче земја без храна

Во оваа недопрена убавина, во подножјето на планината Огражден се наоѓат селата Иловица и Штука. Деновиве овие две села на јавноста повторно им станаа познати, но не по она што го одгледуваат, туку по отварање на рудник за злато и бакар

  Иловица и Штука се села во Општина Босилово, која се наоѓа во средишниот дел на Струмичко поле. Нив ги дели само една долга улица. Правецот го фативме кон Штука. На само 500метри од селото се издига ридот од каде што треба да се ископуваат благородните метали. Но за мештаните, златотот се крие во плодната земја. Во атарот на двете села има околу 1000хектари обработливо змјиште  и над 2500хектари шума. Најмногу се одгледуват раноградинарски култури

  „Југославија живееше од ова поле. Без Струмичко поле Македонија ќе стане едно делче од планетата без храна, без ништо. Така ќе настане раселување, иселување и пустош.  Има и дивеч,лов. Луѓето собираат печурки, 20% живеат од тоа и да ја уништиш оваа природа треба да немаш мозок„велат жителите на Штука.

На 3км.воздушна линија јужно од локацијата каде што треба да  биде рудникот, се наоѓа домот на семејството Зекирови. Нашиот соговорник Боро, откако останал без работа решил, новинарското перо да го замени со мотика. Произведувајќи мед, малини, капини и други раноградинарски производи и овошје, сега ја обезбедува семејната егзистенција.  Вели, отварањето на рудникот, ќе значи и крај за неговиот мал рај.

   „Ова ритче таму треба да биде срамнето со нула позиција и 600метри да се влезе под површината на земјата. Тоа значи дека ќе отиде мојата вода, ќе ми врне отровна прашина секој ден„ вели Боро Зекиров.

 И за екологистите рудникот  Иловица-Штука е „рудник на смртта„  и сее страв дека во процесот за добивање на руда ќе се користи цијанид и сулфурна киселина. Според студијата се планира да се изгради  брана висока 276метри за складирање на јаловината од преработената руда. Од организацијата „Здрава котлина„ предупредуваат дека планираното хидројаловиште може да ја загади почвата и водата и да предизвика сериозни последици по земјоделството и здравјето на луѓето.

  „Само браната е доволна причина за ние да чувствуваме страв. Што ако се случи земјотрес, што со подземните води кои ќе се загадат? Во нивната студија пишува дека 30% ќе се загадат водите. Што значи тоа 30%, кој ќе го измери? Подземните води не се во можност да се прочистат, не се чистат„ изјави Костадин Ристоманов од „Здрава котлина„.

  Во моментот на терен нема никакви активности, а според пресметки на „Здрава котлина„ од експлоатација на бакар и злато во рок од дваесетина години би можело да се инкасират десетина милијарди евра. Дозволата за ископ на благородните метали во Штука и Иловица ќе значи смрт не само за котлината, туку и за зелени појаси во Грција и Бугарија. 

Александра Ристевска

Advertisements