Алфа од денеска почнува да зрачи во „Full HD“
Алфа телевизија со најчиста и најдобра слика до сега. Вашите омилени серии, информативните изданија, емисиите ќе може да ги гледате во висока резолуција која го менува начинот на кој уживате со нашата програма. Со најсовремената технологија – камери, монтажа, режија, Алфа го зајакнува својот квалитет.
Алфа телевизија преминува во Full HD или висока резолуција, со тоа сакаме да им понудиме на гледачите една подобра слика, звук, графика – вели директорот на техничкиот тим на Алфа, Владимир Карпузовски.
Подготовките за целосното преминување во Full HD траеја со месеци. Сега Алфа има најсовремена опрема и ги следи најновите светски трендови.
Работиме постојано на подобрување на квалитетот, на програмскиот дел исто така. Сето тоа го правиме со наши средства, немаме помош. Не е потребно многу долго време доколку имате финансии и можност за тоа. Тимот од техниката е спремен, обучен, едноставно проблемот беше финансиската состојба – додава Карпузовски.
Преминувањето од стандардна во висока дефиниција на квалитетот на нашата програма се поклопува со првата епизода на „Бистра вода“ – првата криминалистичка македонска серија.
Во серијата се претставени тајните интриги на бизнисот, криминалот, високата политика – низ призмата на две семејства и конфликт стар 45 години. „Бистра вода“ е судбоносна приказна – обвиена со мистерија, а инспирирана од вистински настани.
Адријана Алексиеска