Алфа неофицијално дознава: Рашковски заминува, Манчевски нов ген- сек на Владата

Дамјан Манчевски нов генерален секретар на Владата, неофицијално дознава Алфа телевизија. Досегашниот министер за информатичко општество и администрација ќе го замени Драги Рашковски, на оваа позиција во новиот владин состав. Зад името на сегашниот генерален секретар во минативе три години се појавија голем број скандали. Најгласно во јавноста одекна аудио бомбата, каде се слушаше како Рашковски договара тендер за набавка на радарска опрема во М-НАВ.

Во тие бомби владиниот ген сек во негативна конотација го спомена италијанскиот народ, како и Ромите, за што подоцна се извинуваше.

-До небо извинување пред се кон Италија, кој што се наши големи партнери и пријатели, уште еднаш извинување до ромската заедница, изјави Рашковски на 02.07.2019 година.

И покрај барањата за оставка од јавноста, Рашковски не се реши да направи таков потег, а во негова одбрана застана и неговиот шеф Зоран Заев. Тој дури им порача на новинарите дека не можеле да го прават салата генералниот секретар.

-Не можете некого да го правите салата кога сакате и како сакате како физичко лице. Владата нема да поднесе тужби, наша работа не е да се тужиме со новинарите и со медиумите, но секоја индивидува како физичко лице има право да го заштити својот дигнитет и достоинството, изјави Заев на 02.07.2019 година.

Во Владата веќе се поделени главните односно министерските ресори, но се уште не се знае кои ќе бидат директори во државните институции. Во јавноста се појавија информации дека ДУИ бара неколку важни место, меѓу кои и директорското во УЈП. Заев вели за овие позиции ќе се разговара во наредниот период.

-Верувам дека во текот на септември овие одлуки ќе се носат, за најдоцна на почетокот на октомври да бидат донесени, изјави Заев.

Според неофицијални информации кои се појавија во јавноста функција ќе добие и кандидатот за премиер на ДУИ. Како што објавија неколку медиуми на албански јазик, тој би требало да биде назначен на позицијата народен правобранител, на местото на Иџет Мемети, чиј мандат истекува во декември годинава.

Матеја Петровски

Поврзани вести