Алфа меѓу граѓаните: Дали предлог- измените на Законот за возила се избрзани?

Најголем дел од граѓаните во Македонија нема да можат да возат во деновите кога ќе биде загадено, според најновиот предлог-закон за возила. Се поставува прашањето како тие на пример би стигнале на своите работни места, со оглед на тоа што сведоци сме на преголеми гужви во автобусите и сега.

Во јавноста според моменталните прилики во државата, постои страв дека повеќе ќе се изразат социјалните разлики во општество, ако се знае дека според статистиките за 2017-та година секој четврти Македонец е сиромашен. Еден граѓанин пред камерата на Алфа праша што ќе биде ако треба да го носиш своето дете во болница во деновите кога забраната ќе биде во сила.

-Тогаш ќе се видат кои се тие што имаат пари, тоа ти е многу реална слика. Значи сиромаштијата си е тоа . Нема пари точак да купи или една скапана канта кола има. Не дај Боже детето ако ти се разболи, што правиш тогаш, ќе молиш, кого да молиш ако живееш подалеку, вели Алфа еден граѓанин.

И таксистите ќе бидат засегнати. Дел од нив велат дека овој закон е лош, дел дека е добар, но дека треба да се создадат услови за купување на нови возила. Тие пред нашата камера се пожалија дека со моменталните такси цени не можат ни давачките да ги исплатат, со оглед на зголемувањето на цените на дериватите.

Околу евентуалниот хаос кој би настанал со новите законски измени, заменик министерот за животна средина вели дека откако ќе стапат на сила, градот Скопје ќе добие нови еколошки автобуси, кои според неговите зборови биле во фаза на набавка, иако единствено што јавноста за нив знае е дека градоначалникот Шилегов најави летово дека ќе ги купи.

-Па мислам дека тоа соодветно што се предвидува со овие ограничувања, градот ќе возврати со нови автобуси кои што се во рамки на набавка, јавен превоз кој што ќе биде поеколошки, поздрав, изјави Јани Макрадули, заменик министер за животна средина.

Инаку според овој предлог закон возилата ќе бидат обележани со црвена, жолта и зелена налепница. Оние со црвена во загадените денови нема да смеат да се движат, оние со жолта ќе имаат ограничено движење во сообраќајот во зависност од одлуките донесени од општините, односно градот Скопје, додека оние со зелено немаат да имаат никакви пречки.

Матеја Петровски