Алфа истражува: Што ги тера младите да земат оружје и да се пресметуваат?

Насилството во земјава тлее и се зголемува, а последен од низата случаи што заврши трагично, со убиство на малолетник, се случи само пред ден. Според податоците на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во првите шест месеци во земјава, евидентирани се 109 случаи на насилство сторени од омраза. По ваквите застрашувачки податоци, неминовно се поставуваат прашања:

Што ги тера младите во Македонија да земат оружје в раце и физички да се пресметуваат? Кои се причините за чувството на небезбедност? и Каде да се бара вината?

Лошиот воспитно-образовен систем, недостаток на основните морални вредности, родителската негрижа, начинот на изразување на политичарите, и на останатите јавни личности, неуспехот да се донесе и имплементира национална стратегија за справување со насилството, од оваа, но и секоја една претходна влада.

Ова се само дел од причините зошто млади животи згаснуваат на улица, вели универзитетската професорка Татјана Стојаноска Иванова, која пред неполни два месеца, стана дел од извршниот одбор на владејачката партија СДСМ.

Нема решение кое преку ноќ ќе стави крај на насилството, но сите заедно треба да се бориме, подвлекува Стојаноска Иванова. Санкциите за насилство треба да бидат клучни, за да имаме подобрување на состојбите, почнувајќи од казни за говор на омраза.

Очекувањата младите да станат идни општествено-одговорни возрасни во време кога Македонија високо котира на листите на земји во однос на поседување на оружје по глава на жител, во која поделеноста на политичко – партиска и национална основа е видлива и со голо око, а диезепам со секој појадок пие повеќе од половина од населението, реално се нереални.

Дваесет проценти од младите поседуваат оружје, она што надлежните, меѓу кои сега е и професорката Стојаноска Иванова, веројатно треба првично да го преземат е да се направи контролен механизам, во кој би требало да биде вклучено МВР но и родителите, со цел колку-толку да се осигураме оти наредната тепачка нема да  заврши со смрт.

Последниот насилнички напад при кој згасна млад живот, се случи во вторникот ноќта, кога младо момче зари нож во градите на седимнаесетгодишник. Осомничениот, кој има само 18 години е во притвор.

Сања Трајковска Ставров