Алфа ексклузивно: Како СДСМ ја плете мрежата на згрижување на подобните кадри

Од мрежа за уривање режим – до мрежа за вработување. Партиски вработувања според списоци што се правеле на седници на општинската организација на СДСМ на Кисела Вода во февруари, март, април и јуни, открива Алфа. Станува збор за вработувања во Општината, училиштата, градинките, како и јавните претпријатија Комунална Хигиена и Македонски Шуми.

Списоците се правени врз основа на неколку критериуми, и тоа: колку лицата дале свој придонес во т.н. борба против режимот, важно било да бидат дел од проектот „Мрежа“ што СДСМ го промовираше како проект на заедничко делување додека беа во опозиција. А, приоритет имале лица со средно образование, односно, според признанието во еден од записниците: „какви што се 90 проценти од лицата на списокот“.

Алфа нема да ги открива имињата на вработените, заради заштита на нивната приватност, но точните податоци за нив се во нашата редакција. Само на една седница, било договорено вработување за 8 лица во Општина Кисела Вода, 6 членови на управни одбори во училишта во таа општина, потоа хигиеничарки, воспитувачки во градинки, како и едно вработување во Македонски шуми.
Успеавме телефонски да добиеме еден од вработените во локалната самоуправа. Во интерес на откривање на вистината се претставивме како луѓе од централата СДСМ. Вработениот потврди каде работи па дури и кажа колку е задоволен од работата.
-Тука сум во комунална инспекција, задоволен сум, само платата не е висока, вели вработен, член на СДСМ
Алфа побара одговор и од општината, со точните имиња на осумте лица. Од нив Кисела Вода, ни ги потврди информациите за тројца, останатите не биле вработени таму.
Прашавме директно и во Комунална хигиена. Наведовме точни податоци но оттаму одбраа да не дадат информација:
-Немаме официјален став. Не можеме да потврдиме, ни одговорија од Комунална хигиена.
Ова се само дел од вработувањата по теркот на списоците од општинската организација на СДСМ на Кисела Вода.Следат уште скандалозни податоци.

Иако црните тефтери за вработување што ги пишувале екс-министри од минатата власт- беа жестоко критикувани од актуелната – како тогаш се објаснуваат овие списоци?
– Свесни сме дека ако сакаме да влеземе на власт, ќе влеземе тимски, од хигиеничар до министер, и така во секој ресор од државата, и така имаме намера да ја водиме Република Македонија.
Оваа изјава премиерот Зоран Заев ја даде многу пред да седне во фотелја. Зошто партиските вработувања требаше да бидат, но не се минато – како што вети СДСМ?

Искра Коровешовска