Алфа дознава: Изет Меџити, Муса Џафери и другите фракционери од ДУИ формираат нова партија

Љубовта кон Артан Груби изгледа скапо ќе го чини Али Ахмети. Изет Меџити, Муса Џафери и другите фракционери од ДУИ по бајрамските празници ќе формираат нова партија, дознава Алфа од високи извори кај фракцијата на интегративците. Според нашите информации веќе се избрани и раководните лица во новата партија, претседател и потпретседател.

Овој нов момент во вечната владејачка партија кај Албанците доаѓа само неколку дена откако дел од подмладокот на ДУИ, најавија дека ќе делуваат заедно со фракционерите, незадоволни од политиките на влста и иселувањето на младите, кои не гледале просперитет и иднина во државата.

-Ја повикуваме Владата на игри на среќа да стави прст на глава дека ако под 10 илјади млади луѓе годишно ја напуштиле државата за да одат во странство, оваа бројка ќе биде многу поголема благодарение на вашите политики кои немаат ништо за младите. Ама имате политики како да основате повеќе компании за игри на среќа и тие да се диригираат од ваши блиски луѓе, од кои три члена на новата видео лотарија се токму роднини на министрите од ДУИ, изјави Раниа Сали.

Голем проблем за Ахмети може да биде што дел од фракцијата на ДУИ се најголем број од градоначалниците на оваа партија, а меѓу нив и оние во едни од најголемите општини Чаир и Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети. Фракцијата и претходно обвинуваше дека она што го прават најблиските соработници на Ахмети, Артан Груби и Бујар Османи е контра се за што се залагала оваа партија.

-За жал, три години по ред алармираме дека не се почитуваат Статутот и програмата на ДУИ, што најдобро го докажува неформирањето на партиски тела за овие години. Денеска стоиме пред вас како фракција и се обврзуваме дека ќе бидеме гласот на потребите и барањата, не само на нашиот електорат, туку на сите Албанци и овој глас нема никој да го замолчи. За нас гласот на народот е сè, затоа што ова е гласот на разумот и ќе го покажеме на дело правилното, принципиелното и сеопфатното функционирање, изјави Сандра Имери.

Тензиите во ДУИ започнаа во септември минатата година, кога фракционерите преку отворено писмо побараа од Али Ахмети реструктуирање на партијата, бидејќи ексклузивното право на одлучување за важни чекори го имале само вицепремиерот Артан Груби и првиот дипломат Бујар Османи. По неколку одржани претседателства, и оптимистички најави на лидерот на ДУИ дека проблемите во партијата ќе бидат надминати на најдемократски начин, незадоволните сепак решија да делуваат како фракција.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста