„Алфа“ во обиколка на маркети: Некои од рафтовите беа празни, други полни со леб по цена над 50 денари

Рафтовите во маркетите каде што до вчера стоеја белиот и полубелиот леб, во најголем дел осамнаа празни. Ова е епилогот по одлуката на Владата да ја замрзне цената на 33 денари. „Алфа“ направи обиколка во неколку познати брендови од ланец продавници, каде можеа да се видат полни рафтови со леб, чија цена не е замрзната, односно се продава за над 50 денари.

Дел од граѓаните велат дека не успеале да купат леб по 33 денари, зашто тој го нема. Револтирани се од односот на пекарниците и на власта – зашто сиот товар паѓа врз грбот на граѓаните.

Онаму каде што има бел леб, тој е производство на помали фурни и се продава по усогласени цени. „Алфа“ беше и во неколку познати скопски прекарници. Таму рафтовите беа полни со полубел и бел леб, кој се продаваше и под замрзнатата цена, односно за 33 денари.

Инспекцијата е на терен и ги чешла маркетите и пекарниците, дали се почитува одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот.

  • Инспекторите се на терен и вршат надзори во однос на одлуката што ја донесе Владата за замрзнување на цената на лебот. Кога ќе завршат со контролите, кон крајот на денот, ќе има сублимација на информациите по што ќе се знае фактичката состојба“, велат од Пазарниот инспекторат.

Инспекторите, односно околу 170 од нив, ќе нотираат и кои маркети не добиле леб поради најавениот штрајк на производителите. Тие пак, не попуштаат. Остануваат на ставот дека нема да произведуваат и да носат леб по укинувањето на субвенцијата за струја и по замрзнувањето на цената на лебот.

Од Владата пак не дозволуваат мерките да се носат за некој да се богати, а друг да осиромашува, туку да им се помогне на граѓаните. Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, одлуката за замрзнување на цената на брашното била донесена по направените анализите, а Државниот пазарен инспекторат ги направил сите пресметки.

Како што напомена Николовски, граѓаните очекуваа пониски цени на основните прехранбени производи, односно резултат од државната поддршка што ја добија компаниите преку субвенционираната струја.

  • Министерствата ги следат ефектите од антикризните мерки. Тие вчера беа презентирани од министерот за економија во делот дали се намалени цените. Моите изјави во изминатиот период беа константни – дека граѓаните очекуваат резултат од поддршката што ја добија компаниите, да има поевтини прехранбени производи. Со месеци сите ние плаќаме за голем дел од компаниите да добиваат повластена електрична енергија која во последниот период е со намалена цена, а со намалена цена е и брашното. Се тоа доведе до одлуката која ги штити граѓаните, изјави Николовски.

Тој потсети дека конкретно, улогата на МЗШВ е да креира мерки кои го поддржуваат производството и тоа, рече, дава резултати.

  • Годинава ќе имаме близу 77 00 хекатри пченица што е зголемување за повеќе од 1 000 хектари од лани, а зголемено е и производство на јачмен, како и на сончоглед. Нашата заложба проодлжува во тој правец, да ги поддржуваме земјоделците за да имаме поголемо производство, потенцира министерот Николовски.

Одлуката што ја донесе Владата, а излезе во Службен весник за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб ќе важи до 31 мај годинава.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста