Алфа во живо: Започна третата „Парада на Гордоста“ во Скопје

Под мотото „Излези за љубов! достоинство, еднаквост, правда“, организаторите националната мрежа против хомофобија и трансфобија го започна овогодинешното издание на „Скопје прајд“. Неколку илјади луѓе околу 17 часот се собраа на почетната точка во паркот „Жена-борец“ во Скопје за почетокот на третата по ред скопска парада на гордоста.

Протестниот марш по скопските улици ќе започне во 19 часот, веднаш по кратките поздравни говори. Парадата ќе продолжи со културно уметничка програма на Стадионот на АРМ, која ќе биде отворена со настап на овогодишната македонска претставничка на Евровизија, Андреа Коевска.

Според најавите на стадионот на АРМ ќе настапи и оперската пејачка Наде Талевска, која беше и гостинка во живо во вестите на Алфа, еден од организаторите, Кочо Андоноски, како и дрег кралици од земјава и од регионот.

На градските улици покрај организаторите и учесниците на маршот на „Скопје прајд“ забележливо е и големо присуство на полициски сили кои го обезбедуваат овогодинешниот собир. Засега според информациите од терен, собирот се одвива мирно и достоинствено.

Меѓу присутните е амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мери Брнз, претставници од невладиниет сектор, вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерката за труд Јована Тренчевска, но и други јавни личности.

Поворката започна од паркот „Жена-борец“ по улицата Димитрие Чуповски преку Рекорд, потоа на улицата Даме Груев и булевар ВМРО до крстосницата пред мостот Гоце Делчев. Таа продолжи по булеварот Илинденска покрај Влада, потоа улицата Ленинова покрај арена „Тоше Проески“, а крајната дестинација е Стадионот на АРМ.

Еве го разговорот со Кочо Андоновски и Наде Талевска пред почетокот на манифестацијата.

Со нив разговараше Борис Грујоски.