Алфа анализа: Што го предизвика крвавиот четврток

Пред речиси две години, во февруари 2017, Граѓанското движење „За заедничка Македонија“, ги започна протести против тогашната Тиранска платформа, која беше услов за формирање на новата Влада.

По 63 дена мирни протести, без никакви инциденти, на 27 април, во македонското Собрание најпрво беше запеана туѓа химна, а подоцна за многумина незаконски – за собраниски спикер беше избран Талат Џафери.

Ваквите собраниски случувања предизвикаа гнев кај граѓаните, кои потоа влегоа во Собранието, откако од внатре им беа отворени вратите.

Седум месеци подоцна, на 28 ноември 2017, 36 лица беа уапсени поради сомнение за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а меѓу нив и организаторите на протестите Богдан Илиевски, Игор Дурловски, Борис Дамовски и Владо Јовановски. Меѓу уапсените беше и поранешниот прв човек на БЈБ Митко Чавков, како и пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.

Уште од истиот ден, пред да почне судскиот процес во јавноста се појави сомнеж дека се работи за политичка одмазда. А на првиот ден од судските рочишта имаше и протести пред судот.

Сомнежите за тоа дека судскиот процес можеби е и политичка одмазда беа подгреани и од изјавата на сегашниот градоначалник на Скопје, тогаш портпарол на СДСМ, Петре Шилегов. Тој на само два дена по влегувањето на граѓаните во Собранието, го кажа делото: терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, кое подоцна беше и покренато од Обвинителството.

Во четвртокот во Собранието беше извршено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, член 313 од Кривичниот законик Република Македонија.

Основното јавно обвинителство го поднесе обвинението кон крајот на март 2018, а судскиот процес започна на 22 август истата година, со 33 обвинети, а дел од рочиштата траеја и по цели денови.

Откако Собранието го изгласа законот за амнестија за овој процес, ослободени беа 15 лица, меѓу кои и пратеникот Крсто Мукоски. За него во обвинението пишуваше дека ако не ги отворел вратите од Собранието, ништо немало да се случи. Пратениците Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, тројцата од ослободените во овој случај кои гласаа за уставните измени.

Амнестија воопшто не побараа Игор Дурловски, Душко Лазаров, Јане Ченто, Игор Југ и Митко Чавков. Токму притворањето на поранешниот директор на БЈБ фрли уште една дамка на целиот процес за настаните од Собранието. По барање на Обвинителството, судот во експресен рок прифати да го испрати Чавков во притвор на неколку дена пред изрекувањето на пресудите, иако од таму кажаа дека станува збор за невообичаена пракса.